Рама во Прешево го чекаат билборди „Добредојде, премиере“

Билборди „Добредојде, премиере“ и фотографии со ликот на албанскиот премиер Еди Рама се поставени пред неговата посета во Прешево, Бујановац и Медвеѓа, во Јужна Србија, каде живее албанско население.

Билбордите ги поставила општина Прешево, а на една куќа во центарот на Прешево, на сто метри оддалечена од Домот за култура во којшто ќе се обрати Рама истакнато е албанското знаме со двоглав орел.

Неколку часа пред посетата на Рама и почетокот на најавениот собир во Прешево преземени се сите мерки за безбедност. На секој чекор има полиција, на патот од Ниш до Прешево има полиција на секој паркинг и надвозник.

Во градот со пет, шест билборди на албански јазик ќе биде пречекан Рама, кој треба да стигне во Прешево околу 11 часот. Прво ќе му биде доделено признание за почесен граѓанин на Прешево, а потоа ќе се сретне со највисоките претставници на Албанците, со кои ќе разговара зад затворени врати во кабинетот на претседателот на општината.