Рангелов: Со граѓаните заедно ќе создаваме нова иднина за Крива Паланка – ќе ја гасифицираме, ќе ги помагаме земјоделците 

 

Се обврзувам дека најголем процент од мојата програма ќе биде реализиран за време на мојот четиригодишен мандат и не ветувам нешта што не можам да ги исполнат, вели во интервјуто за НетПрес , кандидатот на опозициската партија за градиначалник на Крива Паланка на претстојните локални избори на 17-ти октомври

*Колку проекти се планирани за вашата општина?
– Пред сѐ  би сакал да кажам дека нашата програма ја пишувавме заедно со граѓаните. Преку разговори  со нив, заеднички одлучивме што е тоа што и недостасува на Крива Паланка. Нашата програма опфаќа над 150 проекти. Сите проекти се  издржани и реални и со нив  Крива Паланка ќе доживее експанзија на секое поле. Тоа се проекти од областа на инфраструктурата, образованието, земјоделството, здравството, културата, спортот… Сите граѓани од најмлади до највозрасни се опфатени со нашата програма. Верувам дека граѓаните ќе ги препознаат промените и заеднички ќе создадеме нова иднина за Крива Паланка. 

*Кои ќе бидат први на листата за реализација?
– 
Прв на листата за реализација е гасификација на Крива Паланка со која евтиниот и еколошки природен гас ќе биде достапен и за граѓаните и за компаниите. Со овој проект  ќе останат повеќе пари во семејниот буџет, училиштата ќе заштедат висок процент од парите коишто ги добиваат и истите ќе бидат искористени за нивно реновирање.

Ќе го доизградиме главниот фекален колектор за град Крива Паланка со што ќе се запре понатамошното загадување на Крива Река, започнатата сала кај Мотел Македонија која е е во фаза на карабина ќе ја пренамениме во затворен градски базен кој ќе го користат основците, средношколците и сите граѓани на Крива Паланка. Целосно ќе го реконструираме градскиот базен кој во летниот период ќе биде атракција за кривопаланчани. Ќе изградиме и дом за стари лица, а за младите брачни парови ќе изградиме станбен објект.

Исто така,  преку проектот „Општински спортски ваучер’’ ќе ги финансираме сите заинтересирани граѓани од социјално ранливи категории, за да можат да се зачленат во општинските спортски клубови.

Ќе помогнеме и на земјоделците, ќе го реконструираме градскиот пазар и истиот ќе биде достапен повеќепати во неделата затоа што нивниот труд мора да се исплати.

Ќе го развиеме туризмот на локалитетот Калин Камен. Ова ќе значи почеток на ски труизмот на кривопаланечкиот дел на Осоговието, а со поставување на ски влекачи ќе се иницира изградба и на угостителски објекти од типот на брвнари, сместувачки капацитети и ресторани.

За средношколците, ќе ја доопремиме и модернизираме кабинетската настава а со проектот ,,Дете-тутор’’ ќе овозможиме туторство на послабите ученици со симболичен надоместок на оние ученици кои ќе бидат тутори.

Ќе ја обновиме општинската фудбалска лига, во спортските објекти ќе има бесплатни термини и ќе ги финансираме сите локални клубови.

Ова се само мал дел од проектите предвидени во нашата програма. Ги повикувам сите граѓани да ја прочитаат програмата и верувам дека ќе го препознаат вистинскиот избор за нашата општина, Крива Паланка.

*Колку планирате да реализирате за време на четиригодишниот мандат?
– 
Јас се обврзувам дека најголем процент од мојата програма ќе биде реализиран за време на мојот четиригодишен мандат. Не ветувам нешта што не можам да ги исполнат. На граѓаните им е доста од лажни ветувања, време е Крива Паланка да прерасне во модерна општина .Општина која ќе биде во служба на граѓаните затоа што за општина Крива Паланка треба да се работи, а не од неа да се заработи. 

*Од кои начела ќе се водите при работата?
– Со работа, посветеност, одговорност, чесност и многу енергија ќе го вреднуваме она што ни го оставиле за да го сочуваме за оние кои доаѓаат. Со дијалог отвореност, размена на аргументи и мислења секогаш ќе бидам достапен за граѓаните затоа што заедничкиот успех е секогаш поголем.