Рашковски целиот имот им го препишал на децата

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, уште во декември минатата година започнал да го префрла целиот свој имот на име на малолетните деца, па сега тој нема ништо на свое име, објави Алсат, повикувајќи се на извори од Антикорупциска комисија.

Освен станот во Скопје од 65 квадратни метри, децата на Рашковски сега целосно поседуваат 11.000 квадратни метри во викенд населбата Побожје во подножјето на Скопска Црна Гора.

Како што пишува Алсат, на 25 јануари годинава откако завршил процесот на трансфер на имот, Рашковски од Општина Чујчер Сандево добил потврда дека двата плаца каде ќе гради се во викенд населбата, но и дека просторот е во градежна зона.

Драги Рашковски е во куќен притвор од петокот за набавката на софтверот за сообраќај додека беше генсек на Владата.

Обвинителството денеска поднесе жалба на ваквото решение на Кривичен, оти уште во петокот бараа ефективен притвор за Рашковски.

Според образложението на судот од минатата недела, определна му била мерка куќен притвор, оти Рашковски немал имот на лично име, иако обвинителството стравува дека тој може да влијае на сведоци.