Рашковски ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Русковска и Трајчева

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски денеска најави дека идната недела ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева, за како што вели во дописот до јавноста криење и фалсификување докази како и за ставање на товар на кривични дела за кои, како што тврди тој, се знае дека не се случиле. Рашковски уште најавува и поднесување на претставка до Советот на јавни обвинители.

Обраќајќи ѝ се на Русковска, поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски тврди дека со случајот „Софтвери“ во кои тој е обвинет, обвинителката сакала да ја покрие својата неефикасност и непрофесионалност.

„Сакавте својата неефикасност и непрофесионалност или селективност во борбата против криминалот и корупцијата да ја покриете со овој случај, па дури пред да заспиете на полноќ пишувавте до амбасади да го следат внимателно случајот. Кога повикувате некој да следи случај, треба да знаете дека уште пред 60 години во САД е воспоставено Правилото на Брејди со кое обвинителите се обврзани да достават до судот и до обвинетиот сè она со кое располагаат, независно во чија полза е. За прв пат се сложувам со Русковска. И не само што се сложувам, туку и ќе ми биде особено драго доколку сите претставници на странски институции во државата со кои делиме исти вредности го следат овој случај чијшто императив не е само докажување на злонамерно постапување на обвинителите и невиност на обвинетите, туку поголем е императивот на прогрес на правосудството. Ајде да се согласиме и секое судење да оди јавно како што тоа се прави во напредните правни системи”, вели Рашковски во својот допис до јавноста.

Цитирајќи членови од меѓународни правни акти, Рашковски им порачува на Русковска и Трајчева дека се обврзани да ја следат Директивата 2012/13/EУ на Европскиот Парламент и Советот на ЕУ за правото до информации во кривичната постапка донесена во мај 2012 година. Тој се повикува и на македонскиот Закон за кривична постапка за кој вели дека е уште појасен и тој го обврзува јавниот обвинител да ги достави сите прибрани докази и тоа оние кои се во поткрепа на обвинението, но и оние кои се во полза на обвинетиот.

„Кога ја повикувате Европската Унија да го следи случајот, треба да знаете дека во правото на Европската Унија за вашето самоволие нема место. Нема место за тоа вие да одлучувате што е доказ а што не е. Нема место да одлучувате како ќе креирате приказна пред јавноста за да го билдате сопствениот рејтинг“, пишува поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во својот допис до јавноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.