11.8 C
Skopje
четврток, април 18, 2024

Рашковски се огласи од Мексико, но не кажува дали ќе се врати во Македонија

Единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите. Така да треба да ги оставиме институциите да си ја вршат работата, наведува за Сител во писмена изјава од Мексико, Драги Рашковски за кој претходно во четвртокот попладнето по повеќдневни медиумски извештаи Обвинителство конечно отвори предмет „по допрен глас“ за набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, направено во времето кога тој беше генерален секретар на Владата.

Изданието „360 степени“ пред десетина дена прво ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81.000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба. Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.

„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција„, информираат од ОЈО.

Од Обвинителството, посочуваат дека во меѓувреме, откако се издадени наредбите, Министерството за внатрешни работи до обвинителството доставило известување во врска со нивното постапување во случајот.​

Рашковски деновиве е во фокусот на јавноста по избувнувањето на аферата во која генералниот секретаријат на Владата купил неговиот софтвер, ама со народни пари, што требало да го користи МВР. Меѓутоа, набавката веќе осум месеци стои неискористена бидејќи МВР „ниту знаело за набавката ниту планира да ја користи“.