Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори (ССК) и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) вчера го повторија барањето за итна смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, кое првпат беше изнесено на 28.10.2020.
Јаневски, пак, одржа прес-конференција на која ги соопшти резултатите од сработеното во првите десет месеци од годинава, најавувајќи ги и активностите за 2021-ва.
Попладнето се огласи и Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) која го повтори ставот дека оставката на Јаневски е непотребна, а барањето за негова смена е претенциозно.
За понеделник, 23 ноември, е закажана седница на Координативното тело за туризам во кое членуваат сите засегнати страни. Како што соопшти директорот на АППТ, Јаневски, на седницата ќе бидат изнесени нови предлог-мерки за ублажување на ударот од корона пандемијата во туризмот. Се очекува да биде ставено на маса и барањето за итно конституирање на владиниот Комитет за туризам како тело од највисок ранг кое би ги разгледувало предложените мерки, но и кое би дејствувало како механизам за изнаоѓање решенија и надминување на пречките за развој на туризмот, особено во вакви, кризни ситуации.
-Агенцијата прва во регионот создаде Координативно тело, на нејзино барање, во кое учествуваат и членуваат сите засегнати страни од труизмот. Со здруженијата, асоцијациите и коморите работиме заеднички на донесување на сите можни мерки, предложени од нивна страна, за ублажување на кризата. Сите четири сегменти и сетови мерки беа донесени по барање на коморите. Покрај соработката и отвореноста, АППТ секогаш работи со аргументи, статистики и постигнувања, рече Јаневски во врска со барањето за негова смена.
Здружението на угостителството и туризмот, Туристичко-угостителската комора и НАИТМ велат дека се репрезенти на над 95 отсто од претставниците во туристичко-угостителскиот сектор, како и дека подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност и непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот поради што минатиот месец јавно побараа итна смена на Јаневски, а кон ова барање се приклучи и Независната угостителска комора (НУК).
-Последните години директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со својата несовесна и неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Агенцијата и причинува штета која континуирано ја прикрива преку театрална симулација на активности, ги занемарува и не ги извршува обврските со што се нарушува вршењето на дејноста од интерес на Агенцијата, што отвора сомнежи за незаконско постапување. Како последица на ваквиот однос во прашање е доведена функционалноста на институцијата која со вакво раководење нема капацитет соодветно, прецизно и навремено да ја информира Владата за состојбите во реалниот сектор, ниту поседува авторитет да ја претставува Владата пред стопанството и јавноста, со што се предизвикува штета со големи последици која се заканува да ги обезвредни сите досегашни мерки и заложби на Владата посветени на туризмот, информираа Здружението на угостителството и туризмот, Туристичко-угостителската комора и НАИТМ.
СКТМ повика на соработка базирана врз, како што нагласи, постулатите на солидарност и професионализам, без истакнување лични амбиции во прв план.
-Како најголема самостојна гранска стручна комора во која членуваат туристички агенции и тур-оператори, хотелско-угосителски објекти, патнички превоз, туристички водичи и придружници, како и образовни институции и асоцијации од туризмот, го поддржуваме барањето за повторно активирање на Комитетот за туризам при Владата, дотолку повеќе што тоа тело е формирано токму на наша иницијатива и покажало огромни резултати во соработката меѓу приватниот сектор и институциите. Во врска со барањето, пак, на посочените асоцијации и здруженија за реафирмирање на повикот од 28.10.2020 за оставка на директорот Јаневски го повторуваме нашиот јавно искажан став од 29.10.2020 кој е непроменет и константен – дека оставката е непотребна и претенциозна, соопшти СКТМ.
Додека траат несогласувањата, статистиката бележи драстичен пад во туризмот. Во периодот јануари – септември бројот на туристите е намален за 60,4 отсто. Земјава ја посетиле 83,8 отсто помалку странски гости во однос на периодот јануари ‒ септември 2019, а пад има и кај домашните туристи за 20,7 проценти. Бројот на ноќевањата е намален за 46,3 отсто – кај домашните туристи за 14,1, а кај странските за 84 проценти.