Рашковски под лупата на Антикорупциска, Заев ревносно го брани

Државната комисија за спречување корупција ќе ја истражува улогата на владиниот генерален секретар, Драги Рашковски во спроведувањето на тендерот за набавка на радарски систем за МНАВ. Антикорупциска по допрен глас ќе отвори предмет во кој што треба да се утврди дали Рашковски навистина има добиено задолжение од Владата да разговара за тендерот.

Скандалот „Рашковски“ од петокот ја тресе Владата откако во јавноста протече аудио снимка од состанок на владиниот генсек со претставници на италијанската компанија „Леонардо“. На снимката може да се слушне Рашковски како вели дека „Леонардо“ ќе победи на тендерот,  како наводно бара провизија од сумата којашто треба да и биде исплатена на компанијата, за на крајот се слуша како упатува навредливи зборови за Италијанците, Италија како држава и  притоа ги навредува и Ромите.

Но, според премиерот Зоран Заев во целиот случај не гледа ниту една причина да го повика Рашковски на одговорност.

Заев објаснува како не се бара провизија

За наводите дека Рашковски на состанокот со претставниците на „Леонардо“ разговара за провизија, според изјавата на Заев сите кои сметаат дека на еден таков состанокот се зборува за провизија се далеку од нормална свест.

„Да се зборува за провизии на состанок на кој биле осум лица, е апсолутно далеку од која било нормална свест. Тоа што го има сторено Рашковски е по налог на Владата и е во делокругот на неговите надлежности. Се работи за извршување на надлежностите со цел имплементација на проекти кои биле завршени уште во 2016-та во делот на тендерските постапки, селекцијата и изборот, но до конечната реализација никако не дошло. Само тоа е“, вели Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања.

Заев тврди дека Рашковски на состанокот не зборувал ниту за поништување на владина одлука, туку само за опциите како побрзо да се заврши работата.

„Ако го видите целиот материјал ќе заклучите дека Владата барала и правела начин како да дојде до фактичка, практична имплементација на овој проект. Сите алтернативи што сме ги носеле се во таа насока, но дел од тоа не можам да го коментирам зошто било на затворена седница“, истакна Заев.

Ќе одговараат сите кои го прикажуваат Рашковски во лошо светло

Заев вели дека на крајот од овој случај сите кои направиле Рашковски и целиот случај да изгледаат грозно ќе треба да сносат одговорност. Владиниот генерален секретар важи за особено близок соработник и човек од доверба на премиерот Заев, кој пак одбива да го разреши или да го повика да поднесе оставка и покрај тоа што за името на Рашковски во изминативе две години се врзуваат низа скандали и афери поврзани со непотизам, тендери и фалсификување на документи.

Рашковски на прес конференцијата одржана завчера најави тужби до новинари, медиуми, политички партии и политичари кои објавуваа и зборуваа за неговата вмешаност во тендерот вреден седум милиони евра.

На ова реагираше Здружението на новинарите на Македонија, како и Агенцијата за медиуми по што Рашковски, според последните информации испратил само барања за извинување.