Рашковски: Владата ги решава наследените проблеми, големиот спортски натпревар ќе се одигра во Македонија

Тоа што денес е тема на прес конференцијата е нешто што ја засега цела македонска јавност, од причина што ваков настан можеби во догледна иднина никојпат нема ни да имаме во Република Македонија. Зборуваме од областа на спортот, рече рече, во саботата на прес-конференција генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Рашковски истакна дека во следниот период се очекуваат меѓи најреномираните фудбалски клубови во светот и оти Република Македонија ја имала привилегијата да го добиеме организацискиот дел на настанот.

„Тоа што како информација и како забелешка е давано до Фудбалската федерација на Македонија и ПУИГ, односно Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија е дека во извештаите, почнувајќи од септември 2015 година, до последниот Извештај пратен на 15.6.2017 година е дека недостатоците се провејуваат низ сите нив. Ако периодот од речиси две години е недоволен да се извршат бараните реконструкции, бараните поправки итн, за да Република Македонија биде добар претставник и добар домаќин, тогаш не знам кој период е доволен некој да ви укажува дека нешто не е во ред со самата организација“, рече генералниот секретар на владата.

Рашковски уверуваше дека ваквите забелешки не се политички ставови, и затоа, како што рече не треба ниту да бидат политички коментирани, од причина што станува збор за технички работи, за видливи работи коишто може да се забележат на теренот.

„Дали навистина се поставени клима уреди, дали навистина е изграден просторот каде што треба да бидат стационирани репортажните возила и ред други работи коишто во медиумите веќе се излезени како таскови, коишто ние мораме до 21 јули да ги завршиме, бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола што ќе одлучи дали Супер купот ќе се одржи во Република Македонија или нема да се одржи“, рече Рашковски.

Оцени дека не е добар коментарот од страна на некои организации и политички партии, кои не ги именуваше, дека Владата сакала да го стопира и дека не се грижи воопшто за одржувањето на ваквиот Супер куп.

„Ова ви е еден доказ од Дописот, УЕФА, на 15 јуни испратен до Фудбалската федерација на Македонија. На Фудбалската федерација на Македонија ѝ се предочени сите работи коишто морала да ги направи, односно во организација со ПУИГ да ги направи за да може Супер купот да се одржи. Ваквиот допис во Владата на Република Македонија од страна на ФФМ стигнува на 22 јуни 2017 година. Значи, седум дена откако е стигнат ваквиот допис, му требаат да стигнат до Владата на Република Македонија за работи за коишто сметаме дека секој ден е многу битен. За сериозноста за тоа колку на Владата ѝ е дојдено до одржување на самиот Супер куп, може да проверите со тоа дека Одлуката која што ја донесе Владата за утврдување на состојбата и преземање на конкретни активности е донесена истиот ден, односно 22 јуни. Значи, за разлика од тоа кога седум дена патува писмо од Фудбалска федерација до Владата на Република Македонија, Владата во истиот ден го става на дневен ред и веќе носи заклучоци со коишто го задолжува Генералниот секретаријат, под мое раководство, да ги преземе сите потребни активности за да се потрудиме, а верувам и се надевам дека ќе ве убедиме дека Супер купот ќе се одржи во Република Македонија и ќе најдеме начин како да ги исполниме сите условиа “, рече Раковски.
Според него, иронијата било тоа што Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор е побарана алокација на околу 120 милиони или околу 2 милиона евра за да може сите работи, како што велат тие, да бидат завршени.

„Во консултација со фирмите коишто работат на терен, денес и вчера имав интензивни состаноци. Тоа што тие од нас го бараат за да излезат во пресрет и навистина од некои од нив е доста коректно, се некои 18 милиони денари коишто ние би морале да им ги префрлиме на нив и тоа се пред се во набавка на опрема, како би можело да бидат завршени работите од нивна страна“, рече Рашковски.

Рече дека ПУИГ, бара дополнителни средства, иако има можност да најдат такви средства да ги пренаменат, како што забележа Рашковски, ако е навистина желбата за одржување на Супер купот, а не е некоја друга, да ги пренаменат за исполнување на обврските.

Запраша што правела ФФМ седум дена, зошто не го праќала и дали навистина има искрени намери сево ова да се одржи или едноставно ги прави работите да изгледаат покомплицирани, за после тоа да се докажуваме чија била вината.

„Загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, на угостителските објекти, на репутацијата на земјата итн, нема да биде само на Владата на Република Македонија. Затоа, едно принципиелно прашање до ФФМ. Колку карти имаат добиено како донација од страна на УЕФА? Бидејќи имаме информација дека УЕФА веќе им има обезбедено гратис карти, и вие како новинари, а и ние ќе се обратиме писмено, да прашате каде планираат и на кого планираат таквите карти да ги доделат како гратиси“, рече Рашковски.

Нему му се чинела „симпотматична“ уште една работа, и тоа за варосувањето, затоа што, како што рече, имале информација, дека ПУИГ веќе има склучено договор со извесна фирма АТРИУМ од Вевчани, наводно во сопственост на братот на пратеникот Крсте Мукоски и тоа варосување е по 10 евра од м2.
„Тоа до нас стигна како информација, ќе го провериме, меѓутоа еве и задача за новинарите кои што мораат да бидат дел од вистината која што се случува во Република Македонија, како таква информација да ја проверите. Тоа во коешто ќе ве увериме е, а и ќе видите дека на Владата на Република Македонија навистина ѝ е дојдено да ја промовира државата во најдобро светло и затоа покрај сите, за жал, сопки кои што се прават, и тоа внатрешно, од страна на некои структури кои што не сакаат оваа манифестација да се одржи, мислејќи дека ова го правиме само за промовирање на Владата, ќе им докажеме дека Република Македонија и покрај сите сопки и покрај сите внатрешни непријатности кои што некои ги прават, дека Супер купот сепак ќе го одржиме во Република Македонија“, заклучи Рашковски.