Расмусен: Грузија во НАТО без Јужна Осетија и Абхазија

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, смета дека грузиските власти би требало да ја разгледаат идејата за пристапување во НАТО без Абхазија и Јужна Осетија, пренесува „Спутник“.

– Ако Грузија треба да стане идна членка на НАТО, морате да продолжите со реформите за демократија и со борбата против корупцијата, да обезбедите слобода на говорот и да ги заштитите малцинствата. Сметам дека би требало да почнете дискусија за тоа дали за вас ќе биде прифатливо да станете членка на НАТО без Абхазија и Јужна Осетија – рече Расмусен на меѓународната конференција во Тбилиси.

Претставникот на опозициската партија „Европска Грузија“, Отар Кахидзе, го смета предлогот на Расмусен за интересен и смета дека властите би требало да го разгледаат тоа прашање.

Истовремено, лидерот на парламентарното мнознство, Гија Вољски, рече дека тоа е комплицирана тема и дека ниедна политичка сила нема да се откаже од тие територии.

– Приемот на Грузија во која било меѓународна организација би требало да се одвива во границите што ги признава меѓународната заедница, вклучувајќи гои НАТО – истакна Вољски.

Решавањето на територијалните судири е еден од критериумите за влез во НАТО. Меѓутоа, по вооружената агресија на Тбилиси на Цхинвали во август 2008 година, Абхазија и Јужна Осетија добија независност што ја признаа Русија и низа други земји.