Груевски: Заслуживме членство во НАТО, да се почитува хашката пресуда

Македонија е посветена во преговорите за наметнатиот спор за името во рамки на Обединетите нации и принципиелниот став за значењето на почитувањето на меѓународното право, вклучително на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во однос на отвореното прашање со јужниот сосед, како еден од фундаменталните принципи во одржување на мирот, стабилноста, просперитетот и добрососедските односи, како и почитување на човекови права, што треба да претставува и основа за евроатлантската интеграција на нашата земја.

Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, по денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, што се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на заедничката прес-конференција по средбата, првиот оперативец на Алијансата повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи на најголемата воено-политичка организација на светот, откако ќе го реши наметнатиот спор со Грција.

„Денеска имав можност за конструктивна и продуктивна средба со Расмусен. Разменивме мислења за остварениот напредок во процесот на евроатлантската интеграицја на Република Македонија, во рамки на акцискиот план за членство и политичко-безбедносните прашања од заеднички интерес во пресрет на Самитот на НАТО, што на 4 и 5 септември ќе се одржи во Велс. Во оваа прилика ги прецизирав и резултатите на нашата земја во реализацијата на севкупните реформски процеси со посебен акцент на политичко-економските и одбранбените реформски постигнувања“, истакна премиерот Груевски.

Првиот човек на македонската Влада ја истакна стратешката определба на нашата земја за полноправно членство во НАТО и целосната посветеност за постигнување на таа цел. Тој посочи дека со генералниот секретар ги разгледале и актуелните теми поврзани со националните реформи во контекст на ситуацијата во НАТО и констатирале дека членството на Македонија во оваа организација е взаемен интерес и цврста определба и на земјата и на Алијансата.

Двајцата соговорници ја нагласиле важноста на политиката на отворени врати на НАТО, при што Груевски ја истакнал македонската подготвеност за понатамошна поддршка на Алијансата во меѓународните операции, конкретно во мисијата во Авганистан, наречена „Одлучна поддршка”, која ќе почне со завршување на ИСАФ-мисијата. Тие разговарале и за улогата на КФОР во одржувањето на мирот и стабилноста на Балканот. –  Потсетив и на нашата посветеност во процесот во Обединетите нации околу наметнатиот спор и на нашиот принципиелен став за значењето на почитувањето на меѓународното право, вклучително одлуката на Меѓународниот суд на правдата во однос на отвореното прашање со јужниот сосед, како еден од фундаменталните принципи во одржувањето на мирот, стабилноста, просперитетот, добрососедски односи и почитувањето на човековите права, што треба да претставува и основа за евроатлантската интеграција на нашата змеја. Го истакнав и ставот дека членството на Македонија во НАТО е заслужено и базирано на аргументи и дека ќе претставува придобивка и за нас и за Алијансата, додаде Груевски.

Одговорот на ова од страна на генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, се чини беше очекуван:

„НАТО донесе одлука на Самитот во Букурешт во 2008 година. Одлуката е дека ние сме подготвени да испратиме покана за пристапни разговори откако договорено прифатливо решение за прашањето за името ќе се најде. Таа одлука од Самитот во 2008 беше донесена од сите членки на НАТО, не само од една, туку од страна на сите земји-членки кои ја донесоа таа одлука и ние стоиме за истата. Одлуката на Меѓународниот суд на правдата не ја менува НАТО позицијата дека нашите правила се јасни. Секоја одлука во НАТО се носи со консензус и бара сите членки да гласаат „за” кога станува збор за проширувањето. Па, така, ние повторуваме дека нашите врати остануваат отворени, но има некои критериуми што треба да се исполнат, па откако ќе носиме одлука за проширувањето, ќе бара консензус“, посочи Расмусен.

Првиот оперативец на Алијансата, посочи дека со македонскиот премиер дискутирале и за одличната соработка, силниот придонес на Македонија во ИСАФ-мисијата во Авганистан, како и помошта во однос на комуникациите на КФОР-операцијата на Косово.

„НАТО е посветен на безбедноста на Западниот Балкан и преку евроатлантската перспектива на нациите што аспирираат да се приклучат на Алијансата. Клучот е зачувување на моментумот на реформи, што носи бенефит за сите граѓани, функционалност на демократските структури и инклузивен дијалог и слобода на медиумите. Сето ова е важно за напредување во евроатлантските аспирации. Соработката меѓу Влада и опозицијата, како и сите заедници е есенцијално за испорачување на реформи. Ние ја поздравуваме посветеноста на пристапниот процес кон НАТО и сме договорени да дадеме покана до Македонија за да ни се приклучи, откако заедничко прифатливо решение на прашањето за името ќе се постигне“ , посочи Расмусен.

Генералниот секретар на НАТО посочи дека Алијансата стои до своите обврски дека ќе работи одблиску со Македонија, со поддршка на есенцијалните реформи, „откако прашањето за името ќе се реши и ве храбриме за напори во тој поглед”.

„ Се согласуваме дека отворена врата на НАТО ја прави Европа побезбедна. Има уште работа, но нашата врата останува отворена“, додаде Расмусен.

По оваа средба, премиерот Груевски се сретна и со амбасадорите на земјите-членки на НАТО, посочувајќи дека тоа е добра можност за презентирање на прогресот во реформите, вклучително во безбедносниот сектор. – Пред нив ќе ја реафирмирам определбата за што поскоро зачленување на Република Македонија во Алијансата, како стратешки приоритет на надворешната политика на нашата земја, како и за конструктивна и продлабочена соработка со НАТО за сите прашања од заендички интерес. Планирам да го објаснам напредокот и реформите во сите значајни сектори од гледна точка на Алијансата, при што во тие сегменти имаме многу направено. Сакам присутните да бидат свесни за тоа што е направено во Република Македонија и плановите за реформи во сите полиња од интерес на НАТО, посочи премиерот Груевски, кого на овие средби го придружуваат и министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Талат Џафери.

Според претседателот на македонската Влада, со амбасадорите од Северно-атлантскиот совет, планираме да говориме за делот во однос на наметнатиот спор за името и напорите во тој правец и плановите за понатамошните напори да се разреши тоа прашање. По оваа средба, владината делегација на чело со премиерот, ја завршуваат еднодневната работна посета на Брисел.