Распишана потерница по Груевски

По налог на Кривичниот суд, МВР попладнево распиша потерница по Никола Груевски кој се бара за отслужување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

Основниот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на лицето за кое прашувате и на 12 ноември 2018 година во 16.30 часот ја достави до СВР Скопје и побара издавање на потерница. МВР веднаш откако му е доставена постапува по наредбата се вели во информацијата од Кривичен.

Во петокот беа направени три обиди од судски курири да му ја врачат одлуката, а такви обиди беа направени и денеска.

Судот има право, ако оцени дека бега, се крие, одбегнува, да превземе мерки преку полицијата, како присилно приведување, а ако и тоа не е можно ќе се распише потерница по него.

Поранешниот премиер нема пасош, а исто така е под мерки на претпазливот, поради судските процеси кои се водат против него. Пасошот му е одземен на 3 јули 2017 година со одлука на Кривичен, а на барање на СЈО за случајот Титаник, за кој ново рочиште е закажани за в среда. Мерката претпазливот ја потврди и Апелацискиот суд на 23 јули и тој еднаш месечно треба да се јавува во Кривичен суд.

Екс премиерот се јавува како осомничен во неколку случаи отворени од СЈО, Насилство во Центар, Титаник и Траекторија. За случајот „Тенк“ веќе е осуден на двегодишна затворска казна, а Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ги одби во петокот жалбите на Груевски и неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции, со кое треба да се јави во затворот во Шутка за издржување на казната.

Според пресудата тој е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за „примање награда за извршување противзаконито влијание“. Во овој случај тој е обвинет дека како премиер побарал од екс министерката Гордана Јанкуловска спроведување на незаконска јавна набавка за ново блиндирано возило, кое било набавено затоа што Груевски сакал да се вози со такво возило, но не саклал јавноста да знае за тоа“.

Според директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, Груевски се нема пријавено таму. Котевски посочи дека од затворот изутрината го известиле Кривичен дека Груевски не се појавил доброволно во законски предвидениот рок.