Распишан конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“

Управниот одбор и Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата распишаа конкурс за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга помеѓу две фестивалски изданија објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2014 година до 31 мај годинава.

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик. На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик. Пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи во согласност со нив. Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.

Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик. Можат да бидат пријавени дела само од еден автор, а коавторските дела, како што стои во Конкурсот, се неприфатливи.

Книгите мора да имаат ISBN број, а авторите се должни да испратат шест примероци од книгата со која конкурираат за наградата „Браќа Миладиновци“.

Конкурсот ќе биде отворен  до 20. јуни.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.