Распитот на Зоран Милески – Кичеец траеше три часа, утре и Јанева ќе одговара пред Рускоска

Распитот на Зоран Милески – Кичеец траеше три часа, а обвинителството го напушти исто како и што дојде, во затворското комбе.

Никој од новинарите не го виде. Но со него разговараше обвинителката Вилма Рускоска. Нема детали за распитот за носачот на милионот кој треба да одговори каде се однесени еврата од случајот со рекетот кој го пријави Орце Камчев.

Ова е прв распит на осомничен во случајот со рекетот, откако истрагата беше отворена на 15-ти јули. Поканата за Кичеец била испратена во Шутка во петокот. Нема информации кога ќе оди на распит првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13. Милески-Кичеец го има на видеото со кешот од еден милион, тој ја носи торбата која според снимките од доказниот материјал, а објавени и во италијанска Ла верита, претходно е наполнета со еден милион евра во кеш.

Од обвинителството досега не соопштија дали откриле каде завршиле вкупно милион и пол евра кои Камчев им ги дал на двајцата.

Само кратко соопштија дека се врши и финансиска истрага и дека се проверуваат сметки и сефови. Камчев, кој е осомничен во случајот на СЈО Империја, ги дава парите и преговара со Боки 13 и Кичеец за полесни мерки во истрагата на СЈО, а на италијанските бомби се слуша и специјалната обвинителка Катица Јанева.

Во обвинителството денеска била и пензионерката Лилјана Тодоровска, која за 720 илјади евра ја продала идејата за европски центри за возрасни лица. Парите кои ги добила од бизнисменот Силјан Мицевски ги извадила во кеш и за ТВ Телма тврдеше дека и биле земени од жена од Меѓународниот сојуз на Боки 13.

Денеска Тодоровска само потврди дека била да даде исказ без никакви детали.

-Сега е време за тишина, рече Тодоровска, која на распит била во 10 часот наутро.

Утре на распит ќе биде и специјалната обвинителка Катица Јанева. Досега во истрагата се сослушани тројца обвинители на СЈО, Стефанова, Рустеми и Јосифовска, како и шефицата на кабинетот на Јанева.