Расправата по барањето за екстрадиција на Асанж продолжува на 18 мај

Британското правосудство денеска одлучи на 18 мај да го продолжи разгледувањето на барањето за предавање на САД на основачот на Викиликс Џулијан Асанж, кој речиси една година се наоѓа во затвор во Велика Британија.

Рочиштата, што почнаа во понеделникот, завршија денеска, еден ден порано од предвиденото, и ќе продолжат на 18 мај, соопшти судот во Лондон, и додаде дека тогаш разгледувањето на барањето ќе трае три недели.

Асанж, кој беше во судницата, се пожали дека не може да се договара со своите адвокати како што тој сака, а денеска не му беше дозволено ниту да седне до нив.

Основачот на Викиликс на 11 април 2019 година беше исфрлен од Амбасадата на Еквадор во Лондон, во која се сокри во 2012 година, по што британската полиција веднаш го уапси.

САД побараа негово екстрадирање за да се соочи со вкупно 18 точки од американското обвинение, а доколку биде осуден за шпионажа и предавство со објавувањето на тајни државни документи, му се заканува повеќедецениска затворска казна.