Раст на економијата во вториот квартал од годината. Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика, бруто домашниот производ во вториот квартал од годинава бележи раст од 2,6 отсто.
Во кои сектори има најголем пораст?
Во второто тримесечје од 2015, најголем пораст е забележан во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,8 отсто, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности од 12,6 отсто, Градежништво од 6,2 отсто и Трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 5,5 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата во второто тримесечје од 2015 година номинално е поголема за 2,4 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 72,3 отсто.
Во овој период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 8,3 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа раст во номинален износ од 2,7 отсто.