Раст на европските и азиските берзи пред извештајот за инфлацијата

Европските берзански индекси пораснаа во петокот во претпладневното тргување, како и претходниот ден на њујоршки Волстрит, додека инвеститорите чекаат извештај за инфлацијата во еврозоната, што може да влијае на насоката на пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,4 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, но е на пат кон својата прва загуба по петте седмици раст. Лондонски FTSE индекс претпладнево зајакна 0,59 отсто, на 7.675 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,57 отсто, на 17.780 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 7.930 поени.

Првата проценка на Eurostat за инфлацијата во еврозоната во февруари ќе биде во фокусот на инвеститорите денеска. Доколку се покаже дека инфлациските притисоци продолжат да се намалуваат, тоа ќе ги поттикне шпекулациите дека Европската централна банка (ECB) наскоро може да започне со намалување на каматните стапки.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа порасна за 0,2 отсто. Сепак, на неделно ниво е во пад од 0,4 отсто. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei скокна за речиси 2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонгконг и Австралија пораснаа меѓу 0,4 и 0,6 отсто. Денеска поради празникот не работи берзата во Јужна Кореја.

Јапонскиот индекс Nikkеi достигна ново рекордно високо ниво, бидејќи инвеститорите се надеваат дека централната банка на земјата ќе продолжи со својата ултра-приспособлива монетарна политика, бидејќи податоците претпладнево покажаа дека индустриската активност нагло паднала во февруари поради слабата побарувачка.

Ниту растот на кинеската економија не е на солидна основа, на што укажува падот на PMI индексот на индустриската активност во февруари петти месец по ред.

И покрај слабоста на економиите, најголем дел од азиските берзи го следат растот на Волстрит од четвртокот, каде Dow Jones зајакна за 0,12 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,52, а Nasdaq индексот за 0,90 отсто.

Новите рекорди за S&P 500 и Nasdaq индексите во голема мера се должат на растот на цените на акциите на технолошките гиганти, како што се производителите на чипови „Nvidia“ и „Advanced Micro Devices“.

Позитивно влијание врз пазарот имаа и податоците за инфлацијата, кои беа во согласност со очекувањата. Индексот на цените на личната потрошувачка, вклучително и енергија и храна, во јануари е зголемен за 0,3 отсто на месечно и 2,4 отсто на годишно ниво.

Тоа донекаде ги зацврсти проценките на пазарот дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни, додека претставници на Fed велат дека нема причина да се брза со намалување на каматните стапки.

Главно благодарение на еуфоријата за развојот на вештачката интелигенција, берзанските индекси на Волстрит пораснаа во февруари четврти месец по ред. Во изминатиот месец, Dow Jones порасна за 2,2 отсто, додека S&P 500 скокна за 5,2 отсто, а индексот Nasdaq порасна за 6,1 отсто.