Расте бројот на заразени со Ковид-19, утре состанок на Комисијата за заразни болести

Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со вирусот во земјава. Засега остануваат да важат мерките за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките и домовите за стари лица.

Инаку, вчера, од вкупно 1.153 тестирања беа регистрирани 411 лица позитивни на коронавирусот, односно 35 проценти од тестираните биле позитивни. Според ИЈЗ, од нив, 88 се реинфекции, а нема починати лица.

Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот. Чевртата доза можат да ја примат сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози вакцина против Ковид-19, на сите вакцинални пунктови, без закажување. Вакцинацијата со четврта доза, како што соопшти Министерството за здравство, е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза, да е најмалку четири месеци.

-Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина, со цел да стекнат дополнителен имунитет, велат од Министерството за здравство.

Европа и регионот се подготвуваат за нов бран на Ковид-19.

Во Албанија бројот на нови случаи со Ковид-19 бележи раст и во текот на вчерашниот ден, кога речиси секој втор тестиран е позитивен. Според информациите од тамошното Министерството за здравство, направени се 3.353 тестови, при што вирусот е потврден кај 1.563 иликај  46,6 отсто од тестираните.

Во моментов, во Албанија доминантна е новата подваријанта на Омикрон, БА5, којашто во моментов е присутна кај 64 проценти од случаите и тие се зголемуваат. Заземајќи го местото на БА2 кое моментално е 18 и БА4 со 14 отсто од заразените, но БА5 ја презема доминацијата.

Во Бугарија од понеделник се враќа носењето заштитна маска. Како што изјави за БНР главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев, Бугарија се соочува со нов бран на Ковид-19 и варијанта на вирус кој се шири многукратно побрзо.

Во Австрија драстично се зголемува бројот на новозаразени и во текот на вчерашниот ден се регистрирани 15.149 нови случаи, што е бројка што претходно беше забележана на почетокот на април. Починаа девет лица.

Во Велика Британија од почетокот на пандемијата до сега починале повеќе од 200.000 луѓе како последица од КОВИД-19, што ја прави една од земјите со најголем број смртни случаи во Европа.

Во Франција пак, забележано е намалување на бројот на позитивни случаи. Јавното здравство објави дека на 12 јули во Франција имало 182.006 нови случаи на Ковид-19, што е речиси 12 отсто помалку од минатата недела. Според нив, седмиот бран на вирусот ќе го достигне врвот кон крајот на овој месец.

СЗО апелираше дека Ковид-19 сè уште е глобална вонредна состојба, речиси две до две ипол години откако првпат беше прогласена.

– Бројот на случаи пријавени во СЗО се зголеми за 30 отсто во последните две недели, иако зголемениот имунитет на населението, главно благодарение на вакцините, значително ги намали хоспитализирањата и смртните случаи“, се вели во соопштението на одборот на СЗО.

Досега во Македонија се направени вкупно 2.092.345 тестирања. Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 317.140, бројот на оздравени пациенти е 305.712, на починати е 9.337, а на активни случаи изнесува 2.091.