Расте бројот на граѓаните што го користат јавниот превoз

Во ЈСП лани се возеле 52,4 милиони патници, каде во оваа бројка не влегуваат лицата над 62, односно 64 години, кои користат бесплатен превоз, како и децата под шест години затоа што за нив не се издаваат билети. Од раководството објаснуваат дека овој раст се должи на зголемениот број корисници со претплатени билети, пренесува весникот Дневник.

Порастот на бројот на превезените патници исклучиво се должи на зголемениот број на корисници со претплатни билети, за 1,2 отсто, односно за 403.000, објаснуваат надлежните на ЈСП.

На прво место по користење претплатни билети се учениците и студентите – 40,7 отсто, а на трето место се тие со месечни билети-15,7 отсто.

Приходот на ЈСП од повеќе категории изнесува над милијарда денари, односно околу 16,3 милиони евра, наспроти расходите, кои се двојно поголеми и изнесуваат околу две милијарди денари. Поради тоа, освен приходите што ги остварува и кои се трошат на возилата и за плати за вработените, ЈСП, како што пишува во извештајот за лани, добива и донации – нови автобуси, жичница, нафта, субвенции, опрема за возила, разни стоки итн.

Воедно, констатирано е дека возилата на ЈСП лани учествувале во 347 сообраќајни несреќи, при кои се евидентирани повреди кај 31 лице, а загинати нема. Вина кај возачите е утврдена во 81 случај, односно во 23,7 отсто, а пак инцидентите се намалени.