Расте бројот на жртвите и повредените во несреќата на верската прослава во Португалија

Бројот на жртвите при падот на стебло во текот на прославата на Пресвета Богородица на португалскиот остров Мадеира според последните податоци се зголеми на 13 мртви и 50 настрадани, пишува весникот Jornal de Noticias.

Претходно беше соопштено за 11 загинати и 35 повредни во инцидентот во текот на религиозното празнување на коешто се собрало речиси целото население на градот Фуншал, административниот центар на покраината Мадеира, оддалечена илјади километри од континентална Португалија.

Според весникот, стеблото паднало на место на коешто се продавале свеќи. Меѓу жртвите има и две деца, а тројца повредени се странци, државјани на Франција, Германија и Унгарија. Повеќето од настраданите се здобиле со повреди на черепот, а неколку луѓе се во критична состојба.

На снимите кои ги емитуваше португалската телевизија RTP се гледа како стеблото паѓа на преполниот плоштад на крајот од Фуншал и луѓе како трчаат во паника. Урнатото дрво е даб стар околу 200 години, се наведува во телевизискиот прилог.

Мадеира, популарна дестинација за европските туристи, е најголемиот во групата португалски острови во северен Атлантик, југозападно од португалското копно.

Луѓето се собрале пред црквата во селото во ридот од кој се протега поглед на Фуншал за да ја прославата Богородица, најголемиот празник на островот. Очевидците пренесуваат дека урнатото стебло последните две години имало потпора бидејќи стеблото било шупливо.

Годинешната прослава била уште поголема од вообичаено, бидејќи минатата година била откажана поради шумските пожари, забележуваат локалните медиуми.