Расте бројот на жртвите од потресот во Индонезија, досега најмалку 91 загинат

Најмалку 91 лице го загубило животот во силниот земјотрес кој во неделата го погоди индонезискиот остров Ломбок, соопшти во понедлникот агенцијата за управување со природни катастрофи.

Повеќето од жртвите се регистриран на северната страна на островот Ломбок, во близина на епицентарот на земјотресот со магнитуда од 6,9 по Рихтер, додека две лица загинале на соседниот остров Бали, изјави портпаролот на споменатата агенција, Сутопо Пурво Нугрохо.

Притоа додаде дека бројот на жртвите ќе расте. Во земјотресот, како што се наведува, најмалку 299 лица се повредени.

Епицентарот на потресот бил во морето, на длабочина од 10 километри, а 18 километри северозападно од Ломбок, објави Американскиот институт за геофизика (USGS). По главниот удар, следеле дваесет послаби потреси, од кои еден бил со магнитуда од 5,4 степени по Рихтер. Властите веднаш издадоа предупредување за цунами, коешто подоцна беше повлечено. Сепак, две села биле поплавени.

Пред една седмица Ломбок беше погоден од земјотрес со магнитуда од 6,4 степени, кој однесе 17 животи и уништи многу домови на островот.

Двата најголеми светски архипелаг Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.