Расте бројот на жртвите под урнатините на зградата во Камбоџа

Бројот на мртвите под урнатините на зградата во изградба во Камбоџа, која се урна во саботата рано утротот, се зголеми на 13, соопштија властите, додека спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани.

Седумкатницата, односно конструкцијата од челик и бетон во крајбрежниот град Сихануквил, западно од престолнината Пном Пен, била во сопственост на кинеска компанија.

Најмалку 23 лица се повредени, а многу работници и натаму се водат како исчезнати и се стравува дека се заробени под урнатините, рекол Оар Сароеун, портпарол на властите на покраината Преах Сиханук.

„Челичната конструкција самата се урнала и не се осмелуваме да ја тргнеме, Можеме само да чекаме и да се надевамњ на знаци на живот“ под урнатините, рекол за Reuters.

Од под урнатините се спасени 36 работници, но не е познато колку се исчезнати. Во меѓувреме полицијата објави дека привела четири лица на испитување поради несреќата.

Сихануквил во минатото бил мирна рибарска населба, но со времето станала мека за туристите, особено од Русија и од западните земји. Кинеските вложувања во овој град последните години се зголемија, поради што се случува градежен бум.

Во градот сега има околу 50 коцкарници чиишто сопственици се Кинези, а се градат и десетици хотели. Во периодот меѓу 2016 и 2018 година, кинеската влада и кинеските компании вложиле милијарда долари во покраината Преах Сиханук, според официјалните податоци. Камбоџа, инаку, е една од најсиромашните земји во југоисточна Азија, и позната е по законодавството за труд со многу недостатоци и недоволна заштита на работниците.