Расте наталитетот во Македонија: Лани 8.000 мајки користеле породилно

Фондот за здравствено осигурување минатата година одвоил една милијарда 533 милиони денари за исплата на породилни боледувања, што е најголема сума досега, велат извори на порталот „Zdravstvo 24“.

Парите биле распределени на 8200 осигуренички. Во споредба со 2012 и 2011 година евидентно е зголемувањето како на бројот на родилки така и на сумата пари што ја одвојува ФЗОМ.

Во 2012 година имало 7.600 случаи за кои биле издвоени 1.375.225.433 денари додека пак, во 2011година имало 7460 родилки а Фондот исплатил 1.433.382.640 денари. За надлежните во оваа институција овој тренд на пораст на породилните боледувања е со позитивен ефект бидејќи покажува дека расте наталитетот во земјата.

Од друга страна, за „Zdravstvo24“ коментираат дека вродиле со плод и владините мерки за зголемување на потомството меѓу кои е и трето дете. За разлика од минатото оваа година поголем е и бројот на жени кои се на високи и одговорни позиции а користат породилно отсуство. Преку владините мерки од 2013 година за исплата на породилно не се потребни 2 туку 4 просечни плати што им одговора на тие жени. Во минатото биле дискриминирани бидејќи исплатата беше само на две просечни плати.

Друга предност за породилните боледувања е што нема доцнење во нивната исплата од страна на ФЗОМ. На крајот на месецот е исплатата за претходниот месец. Пред само неколку години жените мораше да чекаат и по 6 месеци за да ја добијат првата исплата. Според податоците од Фондот, од 2007 до 2010 година вкупно исплатените средства за породилно се зголемени за 111 отсто, пишува порталот.

Дека овој тренд е во позитивна насока на зголемување на наталитетот покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика според кој во 2012 имало 23.752 новороденчиња што во споредба со 2011 е за 798 повеќе или раст од 3,5 отсто. Трендот го следи и Клиниката за Гинекологија и акушерство која 2013 ја заврши со 6000 новороденчиња.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.