Разбиени неколку криминални групи во Албанија

Во голема полициска операција спроведена во последните три дена во повеќе градови низ Албанија, разбиени се четири опасни криминални групи и уапсени се 27 лица, соопшти во понеделникот министерството за внатрешни работи на земјата.

Албанскиот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај ги пофали полициските службеници за нивната одлучност во спроведување на акцијата под кодно име „Силата на законот“ и позитивните резултати во тој правец.

„Во изминатите три дена во акцијата спроведена во 12 градови, извршените контроли во 100 објекти, уапсени се 27 лица а по шест се’ уште се трага. Станува збор за четири опасни криминални групи вклучени во трговија со дрога. Акцијата е плод на повеќемесечна истрага, напиша на твитер Џафај.

Ги отфрли информациите пласирани во некои од медиумите дека постои „крт“ во редовите на полицијата, кој издал информации.

Во широката полициска акција биле вклучени 1.500 припадници на министерството, вклучувајќи ги и специјалната единица „Ренеа“ и онаа за брзи интервенции. Од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за тешки кривични дела најавија прес-конференција на која ќе бидат соопштени подетални информации.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.