Разговори НАТО – Русија за воените вежби и договорот за контрола на вооружувањетo

Делегации на НАТО и на Русија разговарале во средата за своите опсежни воени вежби, како и за договорот за проектилите со кус и среден дострел со кој беше завршена ткн Студена војна, а од кој САД најавија истапување обвинувајќи ја Москва за негово наводно кршење.

Станува збор за првите разговори меѓу НАТО и Русија, прво по мај годинава, одржани во атмосфера на новите тензии, но коишто според својот формат првенствено се насочени кон размена на информации и размена на ставовите во врска со клучните безбедносни прашања. Од НАТО соопштија дека имале „отворена размена“ на гледиштата по прашањето на Украина, руските воени вежби и маневрите на Алијансата во Норвешка кои се во тек, како и за Авганистан и за хубридните безбедносни закани.

НАТО во Норвешка минатата седмица ги започна најголемите воени маневри по Студената војна, на кои учествуваат и руските соседи Шведска и Финска, кои инаку не се членки на североатлантскиот воен сојуз. Силите на Алијансата одржуваат вежби во близина на границата со Русија, која претходно во септември ја одржа својата редовна годишна воена вежба. Воените вежби, кои првенствено имаат цел да се демонстрира силата и да се застраши противникот, редовно предизвикуваат остри реакции и од двете страни.

Во текот на изминатите години воените вежби на двете страни постепено стануваа се’ пообемни. Русија во септември го одржа маневрите „Восток“ со мобилизирање на 300.000 војници, со учество и на кинеската и монголската војска, кои беа најголемите од распадот на Советскиот сојуз. Последната седмица од октомври, пак, НАТО ја започна вежбата под наслов „Тrident Juncture“ е најголемата којашто се одржала од раните 1980-те години, со 50.000 војници, 250 летала и 10.000 тенкови, камиони и други копнени возила.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави во саботата на 20-ти октомври дека САД предвидуваат излегување од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty) кој во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него се опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.

Како причина за одлуката Вашингтон го истакнува наводното руско кршење на договорот, што Мосвка го отфрла и за истото ја обвинува американската страна, предупредувајќи оти изгледа дека САД се подготвуваат за војна.

Трамп ја обвинува Русија дека постојано го крши договорот со произведување на забранетото оружје и се закани дека и САД тоа ќе го прават, доколку Русија и Кина не склучат нов договор за тоа. Своите тврдења Вашингтон ги поткрепува со информации дека Москва развува крстосувачки проектил „Новатор 9M729“ со дострел од 2.600 километри.

Европските челници стравуваат дека поништувањето на договорот INF, може да доведе до нова дестабилизирачка трка во вооружување. Загриженоста на американските сојузници во Европа поради одлуката на Вашингтон, ја подгреа и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дадена минатата седмица во којашто предупреди дека американското повлекување од договорите за разоружувања, како што е договорот за поседување нуклеарно оружје со срден и кус дострел, ќе доведе до трка во вооружувањето и до извонредно опасна ситуација, и ги предупреди европските земји дека може да станат цел доколку на своја територија разместата американск стратешки проектили.

Рускиот претседател веднаш предупреди дека „главното прашање е што САД ќе сторат доколку се повлечат“ од договорот INF. „Доколку разместат ракети во Европа, тогаш мораме да одговориме на ист начин“, порача Путин. „Европските земји коишто ќе дозволт разместување на американските стратешки ракети на својата почва, ќе мора да сфатат дека се на територија на којашто ѝ се заканува евентуална реакција“ предупреди челникот на Руската Федерација.