Разговорите за Законот за ЈО се интензивираат, разликите остануваат

Разговорите околу предлог законот за јавно обвинителство се интензивираат, но клучните разлики меѓу власта и опозицијата што треба новата легислатива да содржи се уште опстануваат.

Нова средба на преговарачките тимови на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ треба да се одржи кон крајот на неделава, откако вчера претставници на двете партии одржаа координативен состанок и ја договорија динамиката на средбите. Власа ги чека забелешките на опозицијата во однос на предложениот текст.

Од ВМРО ДПМНЕ посочуваат дека една од забелешките се однесува на механизмот споменат во преодните и завршните одредби со кој што, според пратеникот Антонио Милошоски, се прејудицира вдомување на обвинителите од СЈО во јавното обвинителство за организиран криминал.

„Ние сметаме дека контроверзиите што ги следеа овие обвинители и ова обвинителство, особено противзаконското земање високи хонорари спротивно на Законот за обвинителска служба и Законот за плати на обвинители, не би требало да им даде повластен третман за таква една привилегија“, рече Милошоски.

Во СДСМ ја истакнуваат важност од носењето на овој закон пред распуштањето на Собранието, со цел да се испочитува апелот од еврокомесарот Вархеји.

„Едно е сигурно и треба сите да го знаеме и да биде совршено јасно. И од страна на ЕУ е нотирано со особена важност носењето на новиот Закон за ЈО, нешто што ние од СДСМ континуирано го зборуваме. Добрата страна од целата работа е што е обезбедена и што предметите од СЈО ќе имаат извесност, преземени се од страна на Државното јавно обвинителство“, вели пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

Од овие причини власта работи и на обезбедување на двотретинско мнозинство, неопходно за изгласување на овој закон, и без пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Министерката за правда. Рената Дескоска вели од она што досега го слуша од опозицијата како забелешка можно е да се дојде до договор.

„Она што го слушам како најави од страна на ВМРО-ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи често пати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО“, рече Дескоска.

Ново законско решение за јавно обвинителство се преговара речиси една година. Но, досега двете страни не успеа да најдат компромис за разликите.