Разговорот што Блинкен го иницираше со Лавров е предизборен потег, оцени Захарова

Кусата размена на зборови што го иницираше американскиот државен секретар Ентони Блинкен со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на самитот на Г20 во Њу Делхи е планиран пиар во рамките на предизборната кампања во САД, оцени во неделата портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.

Минатата седмица американскиот Стејт департмент објави дека во Њу Делхи Блинкен во десетминутен разговор со Лавров му ги предочил низата ставови и предупредувања од Вашингтон во врска со војната во Украина, за договорот за извозот на житарици од украинските пристаништа, за неодамнешното суспендирање на Русија на своето учество во нуклеарниот договор за нуклеарното оружје СТАРТ-3….

Од друга страна, пак, руското Министерство за надворешни работи негираше дека станувало збор за некакви договори разговори, туку за размена на неколку реченици иницирано од шефот на американската дипломатија „на минување“ и „од нога“, без наведување на содржината на таа куса комуникација.

„Тоа не е ниту рекламирање, практично тоа е претходно планирана активност со цел некако да се демонстриран надмоќ на меѓународната сцена во рамките на нивната изборна кампања“, рече Захарова во интервју на телевизијата Россия-1 алудирајќи на американските избори во САД во 2024-та за коишто веќе започна кампањата за предизборите за партиските номинации за тие избори.

Захарова истакна дека по кусиот разговор меѓу двајцата шефови на дипломатиите, во Москва забележале „медиумска баханалија“ во американските медиуми.

„Кога Блинкен, Стејт департментот, па повторно Блинкен почнаа да ја раскажуваат сагата , а поинаку тоа не можете да го кажете…. за тоа дека тие дури воделе преговори, речиси за повеќе формати, за разоружувањето…“., рече портпаролката на руската дипломатија.

Захарова притоа посочи дека сегашната американска администрација има „нула остварување“ во обидите меѓународно да ја изолира Русија и оти остануваат уште малку работи во тоа што го преземаат САД.

„Но мора да има некаква позитивна агенда, ова е елементот на конструктивна позитивна агенда којашто тие се обидоа да ја моделираат во тие две-три-четири минути, кога Блинкен се фати за дел од костумот на Лавров на маргините од заседанието на Г20“, рече Захарова.

Дипломатката притоа алудираше на тоа што во повторената изјава за случајот во Њу Делхи, Блинкен рече дека во краткиот разговор што го имал со Лавров на маргините од министерскиот состанок на Г-20 го повикал рускиот министер за надворешни работи на соработка за постигнување „праведен и траен мир“ во Украина.