Различностите ги обединуваат за дефинитивен пад на заевизмот и конечно развластување на ДУИ

95

Локалните избори означуваат пресврт на политичката сцена во Македонија, бидејќи уште пред да се случат изборите меѓу најголемите опозициски партии преовлада убедувањето дека само обединети ќе можат да ја симнат од власт сегашната владејачка гарнитура – СДСМ и ДУИ, односно Заев и Ахмети.

Иако имаше многу препреки за обединување на водечките опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива во соборувањето на режимот на Заев и Ахмети, лидерите на овие партии, Христијан Мицкоски, од една страна и Зијадин Села и Африм Гаши, од друга страна, потпомогнати од невладини организации со совети, пред локалните избори се договорија за заеднички настап и поддршка во изборниот процес. Тоа се покажа како добар потег, по случувањата во првиот круг на локалните избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, Алијансата за Албанците и Алтернатива во недела имаат шанса да освојат неколку општини. Од друга страна, гласовите на овие партии ќе одлучуваат за градоначалниците во Тетово каде што се судираат кандидатите на ДУИ и Беса, кои се дел од владината коалиција, и во Куманово каде се води борба меѓу сегашниот градоначалник, кој сега настапува како независен, и доскорешниот сопартиец од СДСМ. Така што во понеделник може да има многу поместувања во корист на опозицијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски подаде рака на уште една опозициска партија во подем – Левица. Исто така и меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица има непремостливи идеолошки разлики, сепак, обединувачки фактор е симнувањето од власт на Заев и Ахмети.

„Во овој историски миг, гледајќи ја поголемата политичка слика и државниот интерес на Републиката, наша политичка должност – како нова генерација на неподмитливи македонски политичари – е да не бидеме сламката за спас, за која ќе се фати хибридниот режим на Заев и ДУИ, за свое понатамошно опстојување и владеење, туку ќе бидеме клучните политички актери кои ќе го зададат финалниот удар за дефинитивен пад на заевизмот и конечно развластување на ДУИ, како спој на поданичко и силеџиско владеење, кое е спротивно на националните интереси и на АСНОМ-ските идеали на македонскиот народ“, се вели во една од одлуките на Президиумот на Левица што беше објавен синоќа.

Сето ова денес резултираше со обезбедено мнозинство за Советот на Град Скопје од 24 советници, откако Левица им се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Мицкоски вчера упати уште една порака со која укажува дека нема за него стопанственик лев, десен, нема за него стопанственик конзервативен, либерален или неопределен. За него сите тие луѓе се херои бидејќи се мачат од први до први да обезбедат егзистенција и плата на граѓаните.

Нема да биде изненадување ако на овие партии се приклучат и некои политички субјекти кои се дел владејачката коалиција.

Движењето Беса, пак, ги повика своите гласачи во вториот круг од локалните избори да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците и побара и оваа партија реципрочно да возврати односно да им даде поддршка на кандидатите од Беса кои влегоа во вториот круг.

Оваа одлука, како што рече генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа, следува откако ДУИ договори соработка со ДПА на Мендух Тачи за вториот круг.

Можеби оваа е само соработка за вториот круг, но мора од некаде да се почне.

Понеделник е нов ден во кој многу работи ќе станат јасни на македонската политичка сцена или само ќе се потврдат политичките текови дека Заев ќе претрпи сериозен пораз на локалните избори, а ДУИ како никогаш до сега ќе биде загрозен.

Со ова се отвора патот за предвремени избори, а и создавање на ново парламентарно мнозинство, кое исто така води до нови избори за пратеници.

„Нема да ги двоиме, ние сакаме да бидеме нивни сојузници, нивни пријатели. И да помогнеме бизнисот да се развива, тие да креираат нови работни места, дали биле поддржувачи на СДСМ, на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, или не биле поддржувачи верувајте воопшто не ме интересира и нема да дозволам во животот додека сум јас претседател во ВМРО-ДПМНЕ или утре нешто друго некој така да постапува со луѓето. Мојата цел е да излезам со платформа пред граѓаните, укажа Мицкоски.

Тоа значи дека сите граѓани може да се приклучат во коалицијата за соборување на овој режим и создавање на подобро утре за сите граѓани на Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.