Разочарувањата ги набркаа младите од Македонија

Еден од најголемиот проблем во Македонија со години е депопулацијата којашто е особено засилена со масовното иселување посебно изразено во изминатите три години што се поткрепува со фрапантните податоци.

Оваа појава, секако е одраз на демотивираноста особено на младото население по нереализираните ветувања за брзи промени во општеството. Од начинот на кој ги стекнуваат знаењата и вештинините, до перспективите професионално да се резлизираат, па дури и простојно да заработуваат за сопствената егзистенција.

Од 2017 година досега остро пораснал бројот на лица со македонски пасош коишто добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ и на ЕЕА. Овие бројки веројатно се многу поголеми, зашто во нив не се содржани лицата од Македонија со бугарски и други пасоши, како ни тие што илегално престојуваат во земјите на ЕУ и ЕЕА.

Бројот македонски државјани кои се иселуваат во Германија од година в година повторно се зголемува, неодамна пренесе „Дојче Веле“, повикувајќи се на податоци од германското Биро за статистика. Според податоците, во 2018 година, во оваа европска земја среќата ја побарале 18.478 македонски државјани, од кои 7.812 не се вратиле во својата земја. Во однос на 2017 година, нето бројот на оние кои останале да работат и живеат во Германија е зголемен за 30 проценти.

Споредувајќи ги податоците, може да се забележи дека рекордната 2015 година, кога беа забележани преку 24.000 заминувања од државава, од кои 12.000 не се вратија, сѐ уште не е достигната, но бројот македонски државјани кои се иселуваат во Германија од година во година повторно се зголемува.

Како што пренесува „Дојче Веле“, германската статистика покажува дека растот на бројот на доселеници од Македонија започнува во 2011 година. Тогаш во земјата пристигнале 5.679 имигранти, но останале само 495. Веќе следната, 2012 година, се бележи драстичен пораст. Од нешто над 11 илјади имигранти, во Германија останале нешто помалку од половината, односно 5.351. Растечкиот тренд продолжил и во следните години.

Минатата 2019 година, исто така, беа регистрирани масовни заминување на млади лица од општините Сарај и Тетово, кога во два наврата, во април и октомври, преполни четири односно шест автобуси незадоволни од оваа власт среќата се одлучија да ја бараат надвор од нашите граници.

Во контенкст на масовното иселувањето на младите од Македонија, неодамна свое истражување и анализа направил студентот Дарко Давитковски, која ја објави порталот Курир.мк

„Изгледа како тренд, но верувајте, сите иселеници длабоко во себе… сакаат да останат дома, во својата држава, со своите најблиски. Сепак, приказната е друга и оди во погрешна насока. Младите образовни кадри бараат подобар живот со минимален број на проблеми и размислувања за подобро утре. Одејќи во земји каде нивниот труд е повеќе ценет, бившите ученици сега веќе повозрасни луѓе со зацртани цели и цврсти мисли за иднината, се чувствуваат позадоволни. Билет во еден правец – изрека која стана се почесто употребувана помеѓу младите во Република Македонија. Полни автобуси за Хрватска, Германија, Малта, Швајцарија, Белгија и скандинавските земји. Ќе се прашаме зошто? Дали поради ниски примања? Непотизмот во вработувањата? Можност за напредок во кариерата? Депресија!? Можеби пак луѓето се разочарани во политичкиот двопартиски систем? Во продолжение, ќе се обидам да одговорам на клучното прашање со помош на стручни соговорници, мислења на граѓани и иселеници.

Ги прашав засегнатите страни дали се запознаени со иселувањето на младите. Одговорите беа очекувано позитивни бидејќи во најголем процент поединците по завршување на задолжителното средно образование, се стремат за заминување од Република Македонија. Додека пак, искусните образовни луѓе имаат реално мислење за ситуацијата. На темата зборував и со наставен кадар кој во текот на своето работење од разни аспекти го анализира иселувањето.

„Оваа димензија од нашето живеење е составен дел на секојдневието, па сакале или не, се соочуваме со нејзините последици на локално и државно ниво. Сум запознаен, но не ја следам професионално.“ – појасни Зоран Петрушевски, дипломиран социолог.

Како една од поважните работи е резултатот на самото мигрирање. Дали е тоа паметен потег?

„Зависно од индивидуалните афинитети на единката-мигрант може да се толкува од повеќе аспекти.Мојот личен став за тоа дали мигрирањето е паметен потег…

ќе речам ДА! Иако сум против миграциите,со овие услови во кои се наоѓа државата, јас ги подржувам младите!“ – рече проф.м-р Срѓан Стојмановски.

Доаѓаме до делот каде всушност се одлучуваат младите при своите планови за во иднина. Кој е најчестиот проблем поради големите иселувања на образовните и стручни кадри?

„Несоодветно вреднување на високообразовните кадри, нивно невработување по реални критериуми,партизација во сите сегменти,непотизам.“ – додаде тој.

Се уште постои мал дел на граѓани кои во овие факти не сакаат да веруваат. Ова е реалната ситуација на Република Македонија која веќе треба да работи на намалување на иселеноста, да го предомисли младиот интелект со вистинити проекти и услови во кои ќе се чувствува пријатно.

Тука доаѓа и прашањето, дали е возможно при подобрување на основните услови и самиот животен стандард да се врати личноста која веќе подолг временски период живее и работи во друга држава?

“Како што одлуката за иселување е „лична“ исто така и одлуката за враќање е возможна. Сепак, повторно ќе се разликува еден случај од друг. Сметам дека подобрени услови и животен стандард единствено ќе придонесат за намален степен на иселување, но не и нивно враќање во земјата.“ – рече професор Зоран Петрушевски.

„Се сомневам дека некој кој заминал ќе се врати во Македонија,бидејќи и да се подобрат условите сепак тој што веќе мигрирал е во земја која економски и културно веројатно е далеку пред нас.Треба да се започне со позитивни општествено-економски промени кои треба да го намалат обемот на ислеувањето, затоа што не е возможно да се спречи.“ – се надовржа Проф. М-р Срѓан Стојмановски.

„Да, јас сум убедена дека секој сака да биде заедно со своето семејство. Секој би се вратил да допринесе за развој на својата земја ако во неа се подобрат условите, платите и функционира правото. Човекот да биде ценет според своите квалитети и достигнувања.“ – одлучно посочи професорка по Македонски јазик.

За да дојде до промена на лошата и навидум катастрофална ситуација, мора да се изнајде решение за намалување на иселувањето на младите.

„Иселувањето може да се намали ако се отстранат горенаведените проблеми при добивање на работно место.
Ако човекот се цени како стручен во својата област, а не по некои други искривени критериуми.
Македонскиот народ мора да го врати достоинството, почитта и желбата да се образуваме, надградуваме и да ги вратиме вистинските – европските вредности во сите свери од општественото живеење. Верувам дека има надеж, дека младите генерации ќе се изборат за почитување на нивниот глас и нивните потреби, желбата да се остане тука и да се работи и твори за својата татковина.“ – додаде таа.

„Иселувањето може да се намали само доколку било која влада започне да води сметка за стопанството во сопствената земја (да се потисне профитерство). Да се стават совесни,квалификувани,стручно-соодветни лица на раководните позиции во институциите. Солидните студенти да се стимулираат со стипендии и да им се гарантира работно место по завршувањето на студиумот, на кое соодветно ќе бидат вреднувани и платени! Реорганизација на пазарната политика и решавање на други социјални,

економски,урбанистички и еколошки прашања.“ – појасни професорот Стојмановски.

Најголем дел од анкетираните граѓани беа млади луѓе кои се во центар на внимание за оваа тема. Полнолетни лица се ¾ од вкупниот број кои за жал имаат желба да заминат од Република Македонија. Македонци со високо образование и место на живеење – град. Голем дел од нив се запознаени за иселувањето на младите луѓе. Половина од испитаниците мислат дека тоа е паметен потег во ваква ситуација, додека пак дел од нив се против, а дел без оформено мислење. Со најголем процент за проблем поради кој се доааѓа до таква одлука се парите, ниските примања. Следува среќата и духовното исполнување, но се наведува и депресија како причина за иселување. Како најчест проблем се посочува недостатокот на можности за градење на професионална кариера, па невработеност, непотизам и корупција. Исто така, поделени се мислењата за тоа дали можат луѓето да се вратат во Република Македонија. Дел од анкетираните граѓани предложија решение за подобрување на ситуацијата. Но, најчесто тоа е истото и можеби наједноставно образложување.

„Оваа држава треба да стане функционална, да донесува закони што ќе му олеснат на обичниот народ. Политичарите да работат за доброто на граѓаните. Правото да е исто за секого.“ – машко, 25

“Јас лично како студент, не се гледам себе си во оваа држава поради начинот на кој функционираат работите. Не сакам да бидам дел од политичка партија за да најдам работа која ми одговара и за која учам. Власта треба да пронајде решение да ги привлече младите да останат тука со нови идеи и можности. Можеби некогаш ќе мислам и дека можам да се вратам кога би заминал само ако се покачат примањата, го снема криминалот и партизацијата.“ – машко,18

“Рушење на двопартискиот систем присутен во Република Македонија и намалување на партиските вработувања.“ женско,21

Сепак, има и некој што мисли дека ова е само тренд/помодарство, дека ова е невозможно да се намали и дека секој треба да си ја бара својата среќа таму каде што мисли дека е најдобро. Но, мора да се запрашаме дали е дојдено до степен за ситуацијата да биде алармантна?
Секојдневно бројката се зголемува, не може да се дојде до точна информација од ни една институација која би требало да работи за таква евиденција. Имаме прилози од многу телевизиски куќи кои со интервјуирање на самите иселеници ни приложуваат вистината и реална слика за Република Македонија и нивните најважни фактори – младите луѓе. Надлежните говорат дека са намалува невработеноста. Но, како? Со иселувањето на невравотените во странство???

Се обновуваат документи потребни за бугарски пасош, за виза. Луѓето бараат роднински врски од минатото за да извадат европски документи, да најдат полесен пат до подобриот живот кој сите го сакаат. Но, дали секогаш им се исполнува замисленото? Неофицијално, поразителната бројка изнесува над 600.000 иселени во последните 20-тина години. Македонските градови и села масовно се иселуваат.

Како што напоменав на почетокот, најчесто во летните периоди младите се одлучуваат да заминат на работа во странство. Швајцарија,Германија,Малта,Хрватска се дел од најпосакуваните дестинации за работа.

Дваесет и две годишен кумановец:

Зошто се одлучи да заминеш?

– Се одлучив да заминам од државата поради ниските примања.

Што очекуваше од земја како Хрватска, член на ЕУ? Колку заработуваше?
– Очекувањата се исполнија. Заработував 5 пати повеќе отколку во Македонија, но имавме и поскапи трошоци!
Зошто се врати?
– Се вратив затоа што последните 3 месеци немаше доволно работа па со тоа и платата беше помала. Ми недостасуваше и моето семејство.
Дали си задоволен со моменталната ситуација во која се наоѓаш?
– Задоволен сум од моменталната состојба, бидејќи имам плата поголема во споредба со работата која ја имав пред да заминам.
Дали би заминал пак? Каде?
– Не сум размислувал, но доколку некогаш се одлучам тоа би била Австралија или Нов Зеланд.

Ти посакувам среќа и успех.
– Ти благодарам за интервјуто, се најдобро и за тебе.

Дваесет и еден годишен кумановец:

Зошто се одлучи да заминеш од Македонија?
-Одлучив да заминам поради ситуацијата во која се наоѓаше нашата држава, и всушност, се уште се наоѓа.
Кои ти беа очекувањата за Малта? Дали се исполнија?
– Очекувања беа поголеми отколку што се исполнија, но во целина сум среќен. Подобро е отколку во Македонија.
Дали моментално си задоволен?
– Да, и планирам да ја променам локацијата на живеење бидејќи сум личност која сака нови искуства.
Дали планираш да се вратиш во Македонија?
– Сум размислувал на оваа тема можеби и повеќе од потребно, но за жал одговорот е не.Тажно е што многу млади масовно заминуваат од Македонија и го делат истото мислење со мене.

Благодарам, ти посакувам што поголем успех па и потајно се надевам дека ќе ни се вратиш.
– Ти благодарам и на тебе, поздрав.

Се надевам дека дојдовме до клучните одговори во врска со причините но и начинот на кој може да се намали иселувањето на младите образовни и стручни кадри од Република Македонија. Проблемот не е мал, па секогаш може да дојде до различни мислења и начини за решавање. Но, едно е сигурно – мора да се дојде до солуција во најкраток можен рок. Културниот и национален идентитет е во опасност. Македонецот мора да размисли на кое ниво е сведено почитувањето за своите млади ентузијасти“.