Разоружана армија

Во моите две претходни колумни веќе нагласив дека постоечкиот Стратегиски одбранбен преглед претставува нестручен и аматерски обид да се разгледа и дизајнира развојот на одбраната на државата, пред се’ затоа што е заснован на нереална, нестручна и воопштена проценка на предизвиците, ризиците и заканите. Со еден збор, проценките и претпоставките на кои се заснова Стратегискиот одбранбен преглед се застарени и се однесуваат на 90-те години од минатиот век.

Дополнително, во Стратегискиот одбранбен преглед нема јасен став околу тоа каква одбрана ќе применува нашата држава (фронтална војна водена од вооружените сили на нашата држава, герилско војување – раздвојување на сегашните единици на помали, нивно распоредување во тешко пристапните предели на државата и нанесување на постојани удари на непријателот во рамките на нашата територија, општонародна одбрана, доктрина на одвраќање на непријателот, интегриран пристап кон одбраната – модел на интегрирана одбрана и слично). Принципите на мобилна, мала, опремена, обучена и професионално подготвена армија кои важеа досега се заменети со армија со соодветна големина, флексибилна и професионална армија што во суштина не значи ништо. Се протежира концепт на „Идни Вооружени Сили“, а се објаснуваат само МО и АРМ кои во суштина се само дел од вооружените сили. Многу често се споменува дека декларираните единици се оценети како борбено подготвени, а не се напоменува дека тоа е постигнато со искористување со потенцијалите од цела армија, односно толку е слаба армијата што мора да ја собере опремата од сите единици за да се оцени на пример една декларирана единица.

Посебен недостаток кој е многу важен е дека никаде, ама баш во ниеден дел не се споменуваат Воениот план на државата (како ќе функционира државата во воени услови-производство, воени сојузници, однос кон внатрешните кризи политички и воени, функционирање на политичкиот систем, состојби и активности) и Планот за одбрана на државата (многу важен план каде се објаснува како ќе се мобилизира државата, како ќе се брани, како ќе води борбени дејствија, улогата на секој субјект во општеството и слично). Основната порака е дека немаме потреба од ништо, НАТО се ќе покрие, доволно е ние да бидеме со нив, што ниедна држава не прави така. Дел од НАТО е едно, а ова се други работи. Овие работи не ги менаџира НАТО, туку секоја држава сама за себе.

Неколку пати се потенцира дека развојот на армијата се гледа преку намалување на бројната состојба, иако сите сегашни анализи на борбената готовност (за кои се брифира и пред претседателот), обуката, главните проблеми во извршувањето на задачите на армијата, се токму малата бројна состојба. Значи се намалува персоналот, се намалува структурата, организацијата и формацијата, а се зголемуваат задачите. Нелогични постапки кои креираат голем расчекор и дисбаланс помеѓу задачите, намената и улогата на МО и АРМ и нивната поставеност.

Предвидена е само една пешадиска бригада која како главни борбени единици (маневарски) ќе има 4 баталјони по 530 лица вкупно. „Чисти“ борци во секој батаљон се околу 400. Другите единици кои се предвидени да бидат комплетни се за борбена поддршка, а не за водење на бој и борба на боиште (воена полиција, врскари, специјалци, извидувачи и слично). Тоа значи дека во цела Македонија без резервата ќе бидат 1.060 лица во источниот дел, и 1.060 лица во западниот дел на Македонија. Не ги споменувам во оваа пресметка воената полиција, специјалците и врскарите кои не водат фронтална војна.

Посебна нелогичност е ставот дека откако ќе истечат ресурсите на борбените хеликоптери МИ-24, не се предвидува обновување на нивните ресурси, ниту пак се споменува набавка на нови борбени хеликоптери. Како ќе се покрие тој многу важен елемент на борбената моќ е многу дискутабилно, и претставува сериозен хендикеп за борбената готовност на целата Армија. За сметка на тоа, се предвидува разузнавачки баталјон, кој ако се опреми како што треба, ќе чини колку 80% од средствата кои се потребни за одржување на хеликоптерите. Дополнително, на никој, па дури и на советниците од НАТО не им е јасен овој баталјон и целта на истиот, а особено не е јасно против кого  ќе разузнава овој баталјон, ако се знае дека недостигаат многу елементи за да се оправда постоењето на истиот.

Човечкиот фактор е тотално запоставен. Се прецизира дека трошоците за персонал ќе бидат намалени, а токму статусот, личното опремување, условите за живот и работа, односно стандардот на воените лица е основ за оптимално функционирање на било која Армија. Се зборува за човечки ресурси, ама не и за нивна изградба, создавање, односно градење на човекот како основен фактор на одбраната. Факт е дека нема или се запуштени воените одмаралишта, воените амбуланти се скоро пред распад, здравствениот систем на воените лица не функционира, систем на обедување и исхрана е тотална нула, спортски објекти и услови за физичка изградба не постојат или се во лоша состојба.

Се поставува прашање колку МО ги земало во предвид предлозите од единиците за идната структура на АРМ. Бидејќи нелогично е дека потчинетите команди и единици на Армијата сами предложиле да се самоукинат и да се намали нивниот број и моќност, и да се укине концептот на две бригади, како што одговара на територијата на Република Македонија. Воопшто не се земени географските, историските, воените и можните закани по правци и е правена формација која не соодветствува со географските и топографските карактеристики на нашата држава. Уредувањето на територијата не постои, одбраната на државата не е предвидена, нема план за одбрана. Нема посебни команди на гарнизон кои би се грижеле за касарните, гарнизонот, чување на инфраструктурата кога борбените диници ќе заминат и така натаму, кога ќе има ранети и повредени и многу други работи. Воените амбуланти се вон функција и постојат само на хартија. Дополнителни согледувања се и следниве:

1. Артилерискиот и тенковскиот батаљон остануваат само со по една чета, а се наменети за одбивање на главниот удар при напад или било кое друго изненадување и опасност.

2. Инжинерискиот батаљон е еден – кого тој ќе го послужува, Генералштабот, оперативната команда или маневарските единици на пешадиската бригада?

3. Баталјон на воена полиција е со капацитет да ги задоволи потребите на ГШ и други армиски потреби, нема единица за заштита на претседателот, владата, воените командни објекти (Јасен и слично)

4. Батаљонот за врски е намален, а мора да ги опслужува Оперативната команда, ГШ, владата и претседателот.

5. Единиците немаат формациска противвоздушна одбрана што е надвор од тактиката, има само еден батаљон ПВО во воздухопловната бригада ВИНГ, кој ќе остане со една чета.

6. Се предвидува слабеење на воздухопловните сили, со тоа што не е предвидено зановување на борбените хеликоптери по истекувањето на периодот на експлоатација.

После сите овие согледувања, се стекнува впечаток дека Шеќеринска и нејзиниот тим навистина не знаат што значи одбрана на држава и како таа се организира. Со овие постапки кои тие ги предвидуваат, Армијата се маргинализира до степен што ќе биде мала и нефункционална и во одреден момент, благодарејќи за тоа на државата, нема да биде ни малку моќна за смоодбрана. Иднината е во зголемувањето на Армијата/МО до рамки на реалните потреби за држава, единици кои се оспособени за поголем број на задачи во самата држава, и тоа е тенденцијата кон која треба да се стремиме ако сакаме да обезбедиме квалитетна одбрана на нашата татковина, Република Македонија.

Автор: Александар Нацев за НетПрес