Разрешен Џевад Исени од АД за стопанисување со деловен простор, но му се заблагодари на Заев

На денешната седница Владата донела одлука Џеват Исени да биде разрешен од функцијата неизвршен член на Одборот директори на акционерското друштво за стопанисување со деловен простор (АДСДП), со што му престанува и функцијата претседател на Одборот на директори на АДСДП, соопшти владината прес-служба.

Од Владата не соопштија која е причината за разрешувањето, но пред извесно време НетПрес објави видео поставено на социјалните мрежи, на кое се гледа како Исени игра оро на свадбена веселба со пиштол, кој, според него, бил гасен.

По одлуката на Владата Исени се огласи на неговиот фејсбук профил со благодарност до премиерот Зоран Заев за довербата која што му ја дал во изминатиот период.

„Секогаш бев, сум и ќе бидам сервис на граѓаните и ќе се борам за правичност, одговорност и законитост во државата.

Од низа ситуации во животот човекот учи дека функцијата не може никогаш да те направи нешто што не си бил, тоа го носиш во себе, а тоа се основните клучни работи на една личност, одговорност, лојалност и правичност”, напиша меѓу другото Исени.