Разрешен в.д директорот на Комунална хигиена, неговиот брат пукаше синоќа со пиштол на плоштадот „Скендербег“

Директорот Зуди Енузи е разрешен од позицијата вршител на должност на јавното претпријатие Комунална Хигиена, информираше синоќа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во соопштението се наведува дека Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани.

Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите.

-И покрај професионалното менаџирање со ЈП Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност, се вели во соопштението од Арсовска.

Цуфи Кока е лицето кое пукаше кон демонстрантите кај плоштадот „Скендербег“, беше веста со која синоќа заврши уште еден, петти ден од протестите на опозициска  ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а против францускиот предлог.

Цуфи Кока е активист на партијата Алијанса на Албанците.

„Вечерва се случи тежок инцидент кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство. И ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од владата. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат“, изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на вонредната прес-конференција синоќа во 22 часот, додека се уште траеше протестот.

Неполн час потоа беше откриено дека Кока е брат на директорот на скопска Комунална хигиена кој е од истата политичка афилијација Алијанса на Албанците.

Цуфи Кока пукаше од огнено оружје за време на протестите, мотивите за тоа не беа откриени. Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите го минуваа подвозникот под Стоковната куќа Мост, во близина на трговскиот центар Мавровка.