Разрешувањето е тенденциозно и политички мотивирано, смета судијката Неделкова

Судскиот совет на седницата во вторникот по одржаната расправа ја разреши врховната судијка Лидија Неделкова.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, по завршувањето на седницата изјави дека Неделкова е разрешена и суспендирана, односно времено оддалечена од извршувањето на судиската функција до правосилноста на одлуката.

Претседателот на Советот, Киро Здравев, по тајното гласање соопшти дека одлуката била донесена едногласно.

„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник односно Коденсот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“, рече Здравев.

Постапката против судијката Неделкова се водеше по претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски. Неделкова коментираше дека претставката не била поврзана со непостапување по одреден предмет, туку поради нетрпеливост околу еден случај.

Пред седницата, Неделкова кажа дека има политички мотиви во нејзиното разрешување и посочи дека побарала да се одложи седницата на која се одлучуваше.

„Секако дека има, јас тоа го напишав во кривичната пријава. И уште нешто, за кривичната пријава, не сум ја добила одлуката, иако јавно беше објавена на 8-ми февруари дека е отфрлена. На тоа отфлрање имам право од осум работни денови да поднесам жалба до Вишиот јавен обвинител  Таа постапка не е правосилна. Утрово поднесов три барања да се одложи седницата поради сите овие причини кои ги наведов, поднесов да присуствувам и јас со мојот бранител затоа што имам такво право и поднесов да дојде претставник на Здружението на судии“, рече Неделкова пред седницата за нејзино разрешување.

Иницијативата за разрешување на Неделкова дојде од разрешениот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој за неговата колешка поднесе две барања за разрешување до Судскиот совет. Првото е за тоа дека Неделкова како претседателка на одделот за казниви дела во Врховниот суд на 25-ти март 2016 година изготвила писмо наводно со невистината содржина адресирано до Кривичниот суд, во кое е наведено дека одделот го разгледал барањето и укажал дека Специјалното јавно обвинителсвмора соодветно да се легитимира за својата надлежност, иако одделот не одлучувал за тоа барање. Истото писмо потоа повторно било заведено со друг датум и доставено до судот, тврдеше Вангеловски.

Неделкова вели дека очекувала ваков исход, а постапката за нејзино разрешување ја смета за тенденциозна и политички мотивирана. Најави дека ќе поднесе жалба и очекува, како што вели, „да се разбере“ со членовите на Советот за жалби при Врховен.

Разрешувањето следува откако поранешниот нејзин колега, а сега веќе разрешен претседател на Врховен, Јово Вангеловски, поднесе претставка за утврдување одговорност. Неговата претставка се заснова на три точки, врз основа на кои тој тврди дека таа несовесно ја вршела својата работа. Прво, дека во периодот кога Врховен одлучувал за жалби 2018 во врска со референдумот, таа како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување не била на работа.

Неделкова тврди дека излегла порано за да пречека сервисери за машината за перење и тогаш паднала и се здобила со фрактура на вилицата, а ѝ се скршил и мобилниот телефон. Тврдењето на Вангеловски, а и констатацијата на Советот е дека таа покрај тоа што излегла, не го ни известила судот дека не може да се врти за да одлучува за жалбите кои имале рок. Таа, пак, тврди дека немала како да го информира судот во тој момент, но и дека тоа не било пречка за работата на судот.

„Јас паднав, имав несреќа. И пишува и во моето произнесување, дека единствен телефон тој ми беше, само службениот. Паднав, ми правеа луксација на забите. Тие денови, сабота и недела (кога не била на работа, а требало да биде дежурна) немало зошто да има дежурства бидејќи беа поминати сите рокови за жалби, а тоа е така напишано за да звучи појако. Тоа не е точно, тие не провериле, кога го вратиле на доработка предметот не се обратиле до Врховен само го препишале истиот извештај со полоши зборови. Сите наводи дека сум го попречувала работењето, не само што нема штета, не само што сум ја обезбедила замената, тоа е така одлука на претседателот на судот, да обезбедуваме да имаме замени евентуално ако на некој му се случи. Последица нема никаква, за да се разреши некој за вакво нешто навистина треба да има некаква штетна последица“, тврди Неделкова.

Втората точка поради која Вангеловски поднел претставка е што таа користела три дена годишен одмор без да добие решение од него дека може да го користи и трета причина, според неговата претставка, е што не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок. Судијката, пак, тврди дека тоа не е точно и дека всушност станувало збор за стари предмети заостанати од други судии кои потоа биле распоредени кај неа, а не за нови. За истата основа, потенцира Неделкова, била покрената постапка и за друга нејзина колешка и била запрена бидејќи нема основ.