Разузнавањето на САД ги прекинува брифинзите за безбедноста на изборите за Конгресот

Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД, кој раководи со 17 агенции и служби од оваа сфера, повеќе нема да одржува брифинзи за членовите на комитетите за безбедносни прашања при двата дома на американскиот Конгрес, објави во саботата телевизијата CNN, повикувајќи се на извор од администрацијата во Вашингтон.

Според неименуваниот соговорник на телевизијата, од канцеларијата на директорот на националното разузнавање ги известиле разузнавачките комитети и поткомитетети на Сенатот и на Претставничкиот дом дека во иднина ќе се ограничат само на писмени извештаи за безбедносните теми. Другите служби, кои се вклучени во осигурувањето на безбедноста на изборите, ќе продлжат со брифинзи за пратениците и со редовните писмени извештаи. Станува збор за министертвата за правда, за одбрана и за внатрешна безбедност.

Во прилогот на CNN се потсетува дека за брифинзите по ова прашање одговорен е директорот на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност, Вилијам Еванина.

Неговата последна изјава за јавноста беше на 7-ми август кога тврдеше дека „Русија користи цел спектар мерки“ за „да го оцрни поранешниот потпретседател Џо Бајден“ кој е противкандидат на Демократската партија на републиканскиот претседател Доналд Трамп на претседателските избори на 3-ти ноември. Еванина, исто така, тогаш рече дека „верува“ оти некои лица „поврзани со Кремљ“ се обидуваат „да ја поткрепат кандидатурата на претседателот Трамп преку социјалните мрежи и руските телевизии“.

Москва тогаш вообичаено одговори дека станува збор за обвинувања без основа и докази, кои ги припишува на внатрешнополитички борби во Вашингтон и на русофобијата во одредени кругови од американскиот политички естаблишмент.