Реџепи: Изјавата на Џафери е политичка a не правнa, нова иницијатива за недоверба на Владата ќе има

Политичка е изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, а не правна, изјави за „Слободен печат“ пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи и најави дека во координација со ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе подготват нова иницијатива за гласање на недоверба на Владата.

– Џафери може да дава политички изјави, но таа не е правно издржана. Неговата изјава правнички ќе се толкува. Во партијата наскоро пратениците на Алтернатива ќе ги стават потписите на новата иницијатива за гласање на недоверба на Владата и потоа во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доставиме до пратеничките групи – ни изјави Реџепи.

Претседателот на Собранието Џафери вчера во гостување на ТВ21 изјави дека веќе е закажаната седница за доверба на Владата и дека ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба.

-Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барањето за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба – вели Џафери.

Собранискиот Деловник во членот 214, став 5, вели дека прашањето за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата.

-Член 214 „(1) Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. (2) Прашањето за доверба на Владата се поднесува во писмена форма и мора да биде образложено. (3) Прашање за доверба на Владата може да постави и претседателот на Владата во писмена форма или усно на седницата на Собранието. (4) Прашањето за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на Републиката, а кога прашањето за доверба на Владата претседателот на Владата го поставува усно на седницата на Собранието, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката. (5) Прашањето за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата.“.