Реакција на Хелсиншки: Менаџер на ноќни клубови стана директор на Затворот во Шутка

Владата на Република Северна Македонија на седница одржана во вторникот  година го разреши в.д. директорот на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови. Во изминатиот период беше разрешен и директорот на Воспитно-поправниот дом Волковија на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски, кој претходно работел како наставник, наведено е во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи. Истражувачката репортерска лабараторија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање на политики кои се од посебен интерес на граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис секторот. Оттука, се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот“, се вели во сооопштението.

Во последниот период, наведуваат од Хелсиншкиот комитет, е нотиран некаков напредок во поглед на подобрување на условите и состојбите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија.

„Така, реконструирана беше најголемата казнено-поправна установа во државата – Идризово, во чии нови нови објекти беа трансферирани голем број осудени лица. Заврши и реконструкцијата на КПУ Битола, со комплетно опремување на просториите во кои престојуваат осудените лица, а беше отворен и новиот објект на Воспитно поправниот дом во општина Волковија. Покрај ова, не смее да се занемари фактот дека во некои установи сè уште постојат системски проблеми, кои се провлекуваат во оваа област подолг период. Пенитенцијарниот систем сè уште се соочува со големи тешкотии и предизвици, особено во поглед на материјалните услови, здравството, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица. Години наназад, апелираме на потребата да бидат назначени луѓе на раководните позиции во казнено-поправните установи, кои не само што имаат експертиза и искуство во затворскиот систем, туку се и сензибилизирани за потребата од унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и притворените лица. Поставувањето на несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување, наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.