Реакција во „Фајненшл тајмс“: Дипломатијата на Западен Балкан има одеци од советското минато!

Бугарското вето за почеток на преговорите за членство на државава во Европската Унија, во македонската јавност беше примено крајно разочарувачи и навредливо, оосбено што политичкиот врв на Бугарија лицемерно повторуваше дека двете „пријателски земји“ имаат заедничка европска иднина.

Овој потег од соседот, граѓаните го доживеаа особено и како голем понижувачки удар, поради уцената што се наметнува, односно доколку Македонија сака да продолжи по патот на евроинтеграциите, треба да признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени. Реакцијата не е ни малку поинаква и кога се оценува македонската дипломатија во моментот, поради сервилниот пристап што власта го има кон односите со соседната држава.

Актуелниот македонско-бугарски спор деновиве зема место и на светската медиумска сцена.

Во прилог издвојуваме текст објавен на Фајненшл Тајмс, а интересно е по тоа што во овој реномиран весник, објавено е и писмо-реакција на статијата за бугарското вето и условувањата што и’ се наметнуваат на Македонија.

Писмото од Горјан Лазаров, Македонец кој живее и работи во Прага, го  објавуваме во целост:

Дипломатијата на Западен Балкан има одеци од советското минато

Бев разочаран кога ја прочитав вашата статија напишана од Валери Хопкинс и Мајкл Пил „Бугарија ја уништи надежта на С. Македонија за членство во ЕУ “ (18 ноември) опишувајќи како Бугарија одлучила да стави вето на С. Македонија за почеток на преговори со ЕУ.

Европската иднина на Западен Балкан е важна за стабилноста на Европа.
За жал, се чини дека вредностите и одлуките на Бугарија како земја-членка сѐ уште се под влијание на минатото од Советската ера.

Спор за нечиј идентитет и јазик во 2020 година во нашиот брз и поврзан свет е
апсурд.Сите луѓе имаат право да го декларират својот идентитет.

Македонскиот јазик е меѓународно признат од 1971 година и ако Бугарија може агресивно да ги оспорува прашањето за идентитетот и јазикот на една нација денес, малтретирајќи помал сосед, тогаш замислете како беше во минатото откако Османлиите го напуштија Балканот и каква историска вистина сака денес Бугарија да и’ наметне на Северна Македонија.

Балканскиот регион, за жал, е полн со лидери кои историја ги влече наназад, наместо да гледаат кон иднината. Лидери кои свесно сонуваат за земји поголеми од нивните граници, загрозувајќи ја иднината на милиони сиромашни и страдални луѓе во регионот.

Национализмот од внатрешно-политички причини има долготрајни ефекти за  просперитетот на граѓаните на Балканот. Ова однесување треба да биде осудено од  ЕУ и нејзините земји-членки.

Горјан Лазаров
Прага, Република Чешка

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.