Реакција во врска со публикувањето на „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“

Неодамна  од печат излезе изданието „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“, кое официјално не беше промовирано, туку информацијата за неговото печатење проструи меѓу почитувачите на ликот и делото на Драган Богдановски. По детално анализирање на содржината на изданието, сметавме дека е повеќе од потребно добронамерно да реагираме за низа пропусти што се направени во создавањето на т.н. „Дневник“.

Најпрво, ја поздравуваме и ја разбираме почитта на Македонците од Перт, Аделаид и цела Австралија спрема сето она што го остави Драган Богдановски во својот живот како заслуга за Македонија. Убедени сме дека членовите на техничката редакција на изданието се вложиле од приврзаност и патриотизам, кој многупати е докажан. Секој донатор на финансиски средства за печатење на изданието извоил лични средства верувајќи дека помага да се открие уште еден мозаик од вистината за една голема личност од македонската историја, кој со своето дејствување ги поврзуваше матицата и емиграцијата.

Сепак, во интерес на вистината и на научната заснованост како и во однос на квалитетот на самото издание, на техничката редакција требало да ѝ бидат предочени неколку услови и барања пред да премине на финансирање и печатење на т.н. „Дневник“:

  • Според Законот за авторски права на Република Македонија издавачите требало да побараат авторско право за издавање на овој ракопис од семејството (правни наследници на Драган Богдановски). Носителот на авторското право треба да се наведе во изданието, а тоа не е направено. Член 64 од истоимениот закон вели дека авторското право тече и до 70 години по создавањето на делото.
  • Доколку постои оригинален ракопис од т.н. „Дневник“, издавачот претходно требало да му го достави во оригинална, или во скенирана форма на семејството. Тоа е морална и етичка должност.
  • Во самото издание не е вклучен ниту еден факсимил од оригиналот на т.н. „Дневник“, а тоа е задолжително за да се потврди автентичноста на она што го содржи изданието, кое во овој случај е само компјутерски обработено.
  • Изданието нема уредник а задолжително мора да биде наведен.

–     Стручно-методолошкиот пристап за подготовка на издание подразбира пред печатењето издавачот да го достави изданието на историчари и истражувачи чија потесна специјалност е дејноста на Богдановски за да утврдат дали оригиналот на т.н. „Дневник“ е навистина ракопис на Драган Богдановски врз основа на критички и компаративен метод, или е подметнат од Службата за државна безбедност, која долги години го следеше, го тормозеше и правеше обиди за негова компромитација.

–     Содржината на изданието не е стручно-методолошки обработена односно нема појаснувања, фусноти и обработка на ракописот, туку како „суров“ материјал е препуштен на читателот самиот да вади заклучоци врз основа на неговите претходни знаења.

–     Изданието нема свој ЦИП-запис и ИСБН број и не е регистрирано во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, што е исто така задолжително за секое издание.

Од анализата на содржината на изданието, која ја направија семејството и соработници на Драган Богдановски како и истражувачи што многу години го истражуваат неговото дејствување, заклучивме дека овој ракопис не е на Драган Богдановски. Според сите параметри, почнувајќи од стилот на пишување и изразување, многуте неточни податоци за местото каде што бил испрашуван Богдановски, фактографските грешки и низа други пропусти, сметаме дека т.н. „Дневник“ се состои од надградени полициски конструкции од времето на постоење на Службата за државна безбедност. Постојат живи сведоци на присилниот престој на Богдановски, чии тврдења за условите и за објектот во кои бил сместен и престојувал се сосема спротивни од она што го пишува во т.н. „Дневник“.

Понатаму, не постои ниту еден документ во огромното досие на Драган Богдановски, ниту, пак, тој некогаш му се доверил на некој од семејството, или на соработниците дека пишува дневник. Општо е познато дека кога се пишува дневник се пишува според денови, недели или месеци и најчесто се почнува од раното детство, што во овој случај не е така. Тука е обработен само периодот кога Драган Богдановски е испрашуван од иследниците на УДБА. Мораме да потенцираме дека содржината го наведува читателот да мисли дека Богдановски е патриот, но и соработник на југословенските служби, теза која самата Служба за државна безбедност му ја прилепува за да го дискредитира и да создаде недоверба кај неговите најблиски соработници. Следствено, избраниот наслов „Дневникот на македонскиот страдалник Драган Богдановски“ е циничен и спротивен на делови од содржината на изданието.

Ние, почитувачите и истражувачите на делото на Драган Богдановски од Република Македонија и од македонската емиграција, со децении настојуваме да го рехабилитираме Драган Богдановски и со аргументи да ги побиеме етикетите и лагите што тајните служби му ги прилепија и ден-денес се искористуваат од неговите противници. Ова издание, според нашето мислење, оди во прилог на оспорувачите на вистината за Драган Богдановски и само ќе послужи за објавување на подметнати компромитирачки „изјави“ на Драган Богдановски.

Апелираме до техничката редакција на изданието да ги земат предвид сите наши укажувања и да ги проверат, а печатеното издание да биде времено повлечено додека не се расчистат сите дилеми. Ги повикуваме членовите на редакцијата да ја испитаат целата постапка на публикување на изданието, од давањето на иницијативата до излегувањето од печат.

Уште еднаш напоменуваме дека ги разбираме нивните добри намери и ја почитуваме нивната заложба за да го добие Драган Богдановски конечно заслуженото место во колективната меморија на македонскиот народ. Веруваме дека со заеднички напори тоа може да го направиме во интерес на Македонија.

Со братски македонски поздрав!

Скопје, 16 декември 2021 г.

Раде Станковски, брат на Драган Богдановски;

Драган Петковски, внук на Драган Богдановски;

Владо Транталовски, еден од основачите на

ВМРО-ДПМНЕ и близок пријател на

Драган Богдановски;

Диана Транталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и

м-р Марјан Гијовски, докторант на докторскистудии за македонската политичка емиграција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.