Реакции за турската офанзива во Сирија

Турската армија денеска повторно почна со гранатирање на сириските гранични градови, при што Рас Елејн беше прва цел во вториот ден од конфликтот, јави  сириската државна телевизија. Досега 15 цивили се убиени во нападите на турската армија и над 20 повредени.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера објави дека турската војска почна операција „Извор на мирот“ против Курди и терористи на ИД во северна Сирија. Веднаш потоа, турската авијација нанесе воздушни напади врз погранични градови, а подоцна беше почна и копнена операција.

Турската офанзива не наиде на одобрување од меѓународната заедница. Вашингтон повеќепати ја предупредуваше Турција да не презема офанзива во североисточниот дел на Сирија.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера соопшти дека САД не ја поддржуваат воената операција на Турција во Сирија, и оти нападот е лоша идеја.

– Турција, членка на НАТО, ја нападна Сирија. САД не го одобруваат овој напад и ѝ ставија на знаење на Турција дека оваа операција е лоша идеја. Нема американски војници во областа. Од првиот ден кога влегов во политичката арена, јасно ставив до знаење дека не сакам да се борам во оние бескрајни, бесмислени војни – особено оние од кои САД немаат корист, се посочува во пишаната изјавата на Трамп.

Тој додаде и дека „Турција се обврза да ги заштити цивилите, да ги заштити религиозните малцинства, вклучително и христијаните, и да се осигура дека нема да се случи хуманитарна криза – и ние ќе ги држиме за збор. Покрај тоа, Турција сега е одговорна да обезбеди сите борци на ИД кои се држат во заробеништво да останат во затвор и е одговорна ИД да не се реструктуира на кој било начин или форма.

– Очекуваме Турција да ги почитува сите свои обврски, а ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата, посочи Трамп.

Додека американскиот државен секретар синоќа демантираше дека САД дале „зелено светло“ за турската офанзива. Тој наведе дека Турција е соочена со „терористичка закана во јужниот дел на земјата“, но дека се „лажни“ извештаите дека Анкара добила поддршка од САД за напад.

– Тоа е лага. САД не и дадоа зелено светло на Турција. Сетете се на нашата задача (во Сирија). Ние отидовме таму, каде луѓето беа убивани, палени и затворани. Претседателот почна кампања за пораз на калифатот и тоа беше постигнато, истакна Помпео.

Поради турската офанзива во Сирија Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе разговара зад затворени врати на барање на пет европски држави (Велика Британија, Франција, Полска, Германија и Белгија), додека Арапска лига в сабота ќе одржи вонреден состанок на барање на Египет.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш синоќа изрази длабока загриженост околу ситуацијата во североисточниот дел на Сирија.

– Генералниот секретар на ОН е сериозно загрижен поради моменталните случувања во североисточниот дел на Сирија. Сите воени операции треба да се спроведуваат согласно уставот на ОН и нормите на меѓународното хуманитарно право и треба да се гарантира безбедноста на граѓаните и цивилната инфраструктура, истакна официјалниот претставник на генералниот секретар, Фархан Хак.

Според него, генералниот секретар Гутереш нагласил дека конфликтот во Сирија не треба да се решава со повеќе воени активности.

И шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини ја повика Турција да ја прекине едностраната воена акција во североисточниот дел на Сирија истакнувајќи дека тоа дополнително ќе ја поткопаат стабилноста на целиот регион, ќе го влошат страдањето на цивилите и ќе предизвикаат натамошни раселување.

– ЕУ го повторува својот став дека решението за сирискиот конфликт не може да се постигне по воен пат, истакна Могерини.

Таа оцени дека обновените оружени непријателства во североисточниот дел на Сирија дополнително ќе ја поткопаат стабилноста на целиот регион, ќе го влошат страдањето на цивилите и ќе предизвикаат натамошни раселување.

И египетското Министерство за надворешни работи вчера „остро ја осуди турската агресија против сириската територија“, истакнувајќи дека офанзивата „е флагрантен и неприфатлив напад врз суверенитетот на братска арапска земја“.

– Турската агресија е опасен развој што го загрозува меѓународниот мир и безбедност и ја влошува кризата во регионот, изјави портпаролот на египетското МНР.

И Саудиска Арабија ја осуди турската офанзива во Сирија, оценувајќи ја како закана по регионалната безбедност и мир и побара да се гарантира безбедноста на сирискиот народ, како и сирискиот суверенитет и територијална целост.

На турската офанзива во североисточниот дел на Сирија реагираа и дел од европските држави.

Шефот на британската дипломатија Доминик Раб истакна дека „Лондон има сериозни резерви за турската офанзива“.

– Ова ризикува да го дестабилизира регионот, да ги влоши хуманитарните страдања и да го поткопа напредокот постигнат против ИД, кој треба да биде наш колективен фокус, се наведува во изјавата на британскиот министер за надворешни работи.

Додека францускиот министер за одбрана Флоренс Парли наведе дека турската офанзива во североисточна Сирија е опасна и мора да запре.

– Опасно е за безбедноста на Курдите. Тоа е опасно затоа што е од корист на ИД со која се бориме веќе пет години. Мора да престане, напиша Парли на Твитер.

Додека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера ги обвини САД дека играат „многу опасна игра“ со сириските Курди, чии борци беа главни американски сојузници во војната против Исламска држава во Сирија.

Лавров истакна дека САД првично поддржале „квази држава“ на сириските Курди во североисточниот дел на Сирија, а сега им ја откажуваат поддршката.

– Таква безобразна позиција за ова крајно чувствително прашање може да го запали целиот регион, а тоа мора да го избегнеме по секоја цена, посочи Лавров.

МИА