Реакција на МЕПСО: Редовно и навремено ги сервисираме своите финански обврски

277

Во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста сакаме да потенцираме дека МЕПСО нема заостанати неплатени обврски и дека во јавноста беа пласирани податоци за обврски за кои се водат судски процеси кои ќе бидат сервисирани по окончувањето на судските спорови, се наведува во соопштението на компанијата по прес-конференцијата на Министерството за финансии и написите во дредени медиуми.

„МЕПСО, акционерско друштво во државна сопственост кое врши јавни дејности, редовно и навремено во валутен рок ги измирува своите обврски врз основа на своите планови и на реализацијата на деловните активности на компанијата. МЕПСО во рамките на своите деловни потфати има евидентирани обврски кои не се доспеани и не можат да имаат третман на заостанати побарувања“ се вели во реакцијата.

Во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста МЕПСО појаснува дека финансиските обврски, за кои некои медиуми пренесоа дека се заостанати, а беа третирани на прес-конференцијата на Министерството за финансии се оспорени обврски за кои компанијата води судски процеси кои сѐ уште не се завршени.

„Тоа не се заостанати обврски. По поделбата на ЈП Електростопанство на Македонија друштвата кои произлегоа од него имаа меѓусебни побарувања и обврски за кои се водат судски спорови. За потенцијалните обврски кои можат да произлезат од судските спорови МЕПСО има резервирано средства согласно со меѓународните сметководствени стандарди (МСС) кои се презентирани во сите финансиски извештаи на компанијата. МЕПСО по конечно завршување на судските процеси ќе пристапи кон спроведување на конечни судски одлуки во сите елементи што таа ќе ги содржи и ќе ги исполни сите облигации кои ќе произлезат од неа“, се истакнува во реакцијата.

Најсилен аргумент за финансиската состојба на МЕПСО, се наведува, се долгогодишната континуирана соработка со меѓународните финансиски институции Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Светската банка кон кои МЕПСО редовно и навремено ги сервисира сите обврски за инвестициски проекти за зголемување на капацитетите на преносната мрежа и доверливоста во управувањето со електропреносниот систем на Република Македонија.

„ Како резултат на долгогодишната соработка, навременото и редовно измирување на обврските и стекнатата доверба последните две кредитни линии од ЕБРД се без државни гаранции и без обезбедување“, потсетуваат од МЕПСО.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.