Реакција на МТСП на Граѓанската иницијатива „5до12“

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ е активно вклучена во сите интевенции и мерки кои ги преземаме за лицата со посебни потреби, се тврди во реакцијата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), и се додава дека во изминативе два месеца интезнивно работеле со членовите на Граѓанската иницијатива на преземање на итни мерки кои ќе ја подобрат состојбата на лицата со посебни потреби во најкус можен рок, а пред системските интервенции кои ги најавуваме.

Имено, како што се дава во прилог на реакцијата, МТСП од сите средби со претставници на „5 до 12“ поседува соодветна документација за која велат дека ги поткрепува нивните ставови дека Граѓанската иницијатив е активен партнер во активностите на министерството/

„Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, ве информираме дека Министерстовото за труд и социјална политика во моментов во соработка со „5 до 12“ работи активно на следниве проекти.

1. Подготовка и измени на Законот за социјална зашитата во делот на правата и услугите на лицата со инвалидитет. Во прилог ви го доставуваме и „Решението за формирање на работна група во Министерството за труд и социјална политика“. Член на оваа група, како што е наведено и во документот, е Зоран Мијалков од “5 до 12“, а официјално групата е формирана и заведена во МТСП на 20 Јуни 2017 година.
По изготувањето на решението оддржан е и првиот работен состанок, на кој присуствува и активно учествува претставникот на „5 до 12“, а исто така во прилог, како втор документ, ви го доставуваме записникот од овој состанок.

2. Истовремено, во текот на вчерашниот ден информирани се проектантите кои работат на реконструкција и опремување на новиот дневен центар за лица со Даунов синдром, објект на ул. Орце Николов во Скопје, дека Министерството ги вклучува „5 до 12“ во сугестии за изведба на објектот. Или, попрецизно, претставници на Здружението на деца со даунов синдром Трисомнија 21 (дел од „5 до 12“) имаат целосно слободен пристап во реконструкцијата на објектот и да интервенираат и побараат кои им се потребите и според нив тоа ќе биде аплицирано во завршната изведба. За оваа активност имаме активна преписка со претставниците на „5 до 12“.

3. На почетокот на минатава недела Министерството за труд и социјална политика објави јавен повик за Поддршка на работата на дневниот центар за деца со аутизам од Штип во износ од 60000 илјади денари месечно за ангажман на професионалци (дефектолози и друг вид експерти) кои ќе бидат соодветен кадар да ја зајакнат услугата и сервисите кои ги добиваат децата. Сите регионални здруженија како и граѓански иницијативо помеѓу кои и „5 до 12“ се информирани за објавата на огласот и побарана е од нив поддршка да ги информираат сите професионалци со кои соработуваат да се охрабрат да аплицираат.

Министерствотo за труд и социјална политика, останува целосно посветено на решавање на голем број натрупани проблеми во секоја област од социјалниот живот во Македонија, а подобрувањето на сервисите за лицата со посебни потреби особено во делот на правата и услугите е еден од нашите врвни приоритети.

Во таа насока, би сакале да ве известиме дека покрај актуелните измени на постоечкиот закон, Министерството за труд и социјална политика работи на темелни подготовки за донесување комплетно нов Закон за социјална заштита. Новиот закон исто така ќе биде креиран во транспарентна процедура и во соработка со сите здруженија кои имаат намера да го дадат својот конструктивен придонес.

Очекуваме дека претставниците на “5 до 12“ ќе продолжат да бидат активни чинители во сите активности кои ги преземаме во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, се наведува во реакцијата.