Реакција на Синдикатот на културата на најавеното зголемување на платите

архивска илустрација

Ја поздравуваме одлуката на Владата да ги покачи платите на вработените во армијата, здравството и образованието и воедно ја користиме оваа прилика да ја потсетиме и особено министерствата за култура и финансии дека во културата постои огромен проблем со платите кој треба ургентно да биде третиран и кој  не се решава со покачување од 5-10 отсто, се вели во реакцијата од петокот на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ)

„Имено, во културата само формално постои општ колективен договор од 2005 година кој во пракса никогаш не е спроведен, па така во институциите од различните дејности на културата (музичко-сценска, сценско-изведбена, музејска, заштитна, библиотечна, кинотечна) постои тотален хаос или иронично кажано, „шареноликост“ во однос на начинот на пресметка на платите и нивната висина“, се наведува во ракцијата на Синдикатот.

 

Како пример наведуваат дека во одредени институции платите се пресметуваат по бодови иако таа методологија не е предвидена во општиот колективен договор кој предвидува пресметка според утврден коефициент. Исто така, се оценува во продолжени, линеарноста која ја предвидува колективниот договор во однос на висината на платите во различните дејности според статусот на варботените е апсолутно нарушена. па така вработените од една дејност земаат помали плати во однос на вработените со аналоген статус во друга дејност.

 

„Апсурдот оди до тој степен што и во рамките на една иста дејност двајца вработени со ист статус земаат различни плати благодарение на политичките лобирања на директорите на инситуциите во времето на различни политички гарнитури на власт, што доведе до парадоксална ситуација платите во одредени локални установи да бидат поголеми од платите на матичните национални установи. Уште пострашна е ситуацијата во Археолошкиот музеј на Македонија каде што нововработените на една позиција земаат повисока плата од оние со подолг работен стаж на сосема истата позиција“, велат од СКРМ.

Потсетуваат дека во 2015 година Министерството за култура и СОНк доставија нов предлог колективен договор  за којшто оценуваат дека „не само што не го решава хаосот со платите во културата, туку напротив, ѝ дава правна верификација на постоечката дискриминација“ меѓу различните дејности.

„Во изминатиот период, на сите наши реакции во однос на потребата за измена на постоечката легислатива во културата, Министертсвото за култура постојано се бранеше со фразата „тоа предизвикува финансиски импликации“. Да! Ние сме апсолутно за решенија кои имаат финансиски импликации затоа што е потценувачки и поразително, носителите на дејноста во културата на Република Македонија, во 21-от век, да земаат пониски плати од просечната нето плата на ниво на Република Македонија. Доколку културата е навистина столб на Република Македонија, односно, како што вели Законот за култура – темелна вредност на Република Македонија, тогаш ја повикуваме Владата и Министерот за култура веднаш, заеднички да изработиме нов Закон за култура и нов колективен договор кои ќе бидат по урнек на развиените Западно-европски држави кај кои културата не е маргинално, нужно зло и зборовите темелна вредност не се само празна фраза во текстот на еден Закон, туку има вистински, практичен третман на фундамент на човештвото“, се додава во реакцијата на синдикатот на вработените во културата.