Реал ја совлада и одмина Севилја, Атлетико ѝ се доближи на Барса

Во дербито на 20-то коло на шпанското фудбалско првенство, Реал Мадрид во саботата на својот „Сантијаго Бернабеу“, со 2:0 беше подобар од Севилја, по што ѝ ја одзема третата позиција на табелата.

Реал доминираше во текот на целиот натпревар, но дури во 78 минута успеа да ја затресе мрежата на гостите, кога Каземиро со феноменален удар од 30-ина метри го погоди самиот горен агол од голот на Севилја. Во втората минута од судиското продолжение Лука Модриќ пресече топка на противникот и рутински ја спроведе во голот. Реал сега е трет со 36 бодови, три повеќе од четвртата Севилја.

Хетафе убедливо со 4:0 беше подобар до Алавес во борбата за приклучување на првата четворка на табелата. По двапати стрелци за домашните беа Мата во 32 и 87 и Хорхе Молина во 45 и 54 минута. Хетафе дојде до 31 бод и ја задржа шестата позиција, додека Алавес и покрај поразот остана петти, но сега само со бод повеќе од денешниот противник.

Атлетико Мадрид ја продолжува потерата по водечката Барселона и во саботата не дозволи изненадување на гостувањето кај последната Хуеска. Стрелци за мадридските „Јорганџии“ беа Лукас Ернандез во 30, Сандијаго Ариас во 51 и Коке во 70 минута. Атлетико моментално ја намали предноста на Каталонците на два бода, има 41 бода а Барселона 43 со меч помалку, а пет бодови повеќе од Реал. Хуеска, пак, е 20-та со само 11 бодови и речиси сигурно следната сезона ќе се пресели во Сегунда.

Во последниот дуел од саботната програма Валенсија на гостувањето во Виго со пресврт дојде до победат од 2:1 над Селта. Домашните поведоа во 40 минута со голот на Нестор Араухо, но во вториот дел паднаа што им овозможи на гостите прво да израмнат со погодокот на Короминос Торос во 71 а потоа да дојдат и до победата со голот во 84 минута што го постигна Родриго. Валенсија се качи на седмото место со 26 бодови, а Селта со 21 бод е на 17-то.