Реал кон титулата, Еспањол кон Сегунда

Во последниот натпревар од 33-то коло на шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид на мадридскиот стадион „Алфредо ди Стефано“ минимално со 1:0 го совлада Хетафе, и на пет кола пред крајот се одлепи на четири бодови предност пред второпласираната Барселона.

„Кралскиот клуб“ до победата дојде со погодокот во 79 минута од пенал кој го избори Карвахал, а прецизен изведувач беше капитенот Серхио Рамос. Претходно Реал имаше само еден опасен обид од игра, кога во 58 минута крај самата статива шутираше Лука Модриќ.

Со шестата последователна победа по продолжувањето на првенството по тримесечната пауза, Реал дојде до 74 бодови, четири повеќе од Барселина која последните два дуела ги заврши со реми. Третиот Атлетико има 59 бодови, а четвртата Севилја има 57 бодови. Следи Вилјареал со 54 бодови, додека Хетафе е на шестото место со 52 бода.

Фудбалерите на Реал Сосиедад со пресврт во второто полуврме стасаа до победа од 2:1 над Еспањол кој со поразот доби уште еден чекор кон втората лига, по 33 години минати во Примера.

Диего Лопез го доведе во водство Еспањол во 10 минута погодувајќи со глава од работ на петерецот. Госите водеа до 56 минута, кога Вилиан Хозе израмни на асистенција на Ојарзабал. Истиот играч беше асистент и во 84 минута, кога Исак му ја донесе победата на Реал Сосиедад.

Реал Сосиедад со победата се задржа на седмото место со 50 бодови, коешто води во квалификациите во Европската лига, а Еспањол е последен 20-ти со 24 бодови, десет бодови помалку од зоната на опстанок на пет кола до крајот на првенството.

Осасуна дојде до 11-та првенствена победа со триумфот од 2:0 на гостувањето во Еибар, а двата погодока ги постигна Рубен Гарсија. Во 6 минута погоди од слободен уидар од работ на шеснаесетникот, а во 74 минута одлично ја испрати акцијата и на асистенцијата на Кародона од десет метри го совлада домашниот голман.

Осасуна сега е 11-та со 44 бодови, додека Еибар е 15-ти со 35 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.