Реал не ја испушта Барса

Во последниот натпревар во средата во рамките на 31-то коло од шпанското фудбалско првенство мадридски Реал со 2:0 ја совлада Мајорка, продолжувајќи ја мртвата трка со Барселона во борбата за титулата.

Реал поведе во 19 минута по асистенцијата на Лука Модриќ и релизацијата на Бразилецот Винисиус Жуниор, а конечните 2:0 ги постави капитениот Серхио Рамос во 56 минута од слободен удар.

Реал бодовно се израмни со Барса која ден претходно со 1:0 го совлада Атлетик Билбао. Мајорка остана на 18-то место со 26 бодови, само бод повеќе од последните две места на табелата кои водат во Сегунда.

Претходно во средата играчите на Селта Виго ја постигнаа и втората победа за само два дена и сега имаат седум бодови над зоната на испаѓање. Тие на гости го совладаа Реал Сосиедад со единствениот погодок на средбата кој го постигна од пенак Иаго Аспас во 45 минута. Селта е 16-та со 33 бодови, а Реал Сосиедад остна на 47 бодови на седмото место, на последната позиција која води во квалификации за Европската лига и е загрозен од Валенсија која има бод и меч помалку.

Осасуна со голот на Тони Лато во 64 минута на гости го совлада Алавес, и така дојде до 38 бодови за 11-то место, и го мина Алавес кој остана на 35 бодови на 13-то место.