Реал по пеналите го освои шпанскиот Суперкуп

(Photo by Giuseppe CACACE / AFP)

Фудбалерите на Реал Мадрид по 11-ти пат се победници на шпанскиот Суперкуп откако во финалето играно во неделата во саудискиот град Џеда гo победија градскиот ривал Атлетико со 4:1 по подоброто изведување на пеналите.

Натпреварот по 120 минути заврши без погодоци, па победникот беше добиеn со удари од белата точка. За Реал прецизни беа Даниел Карвахал, Родриго, Лука Модриќ и Серхио Рамос, додека за Атлетико реализираше само Киерен Трипие. Саул ја погоди стативата, а ударот на Томас го одбрани Тибо Куртоа.

Реал во првото полувреме беше подобар, но најдобрата шанса во првите 45 минути ја имаше Атлетика, меѓутоа Жоао Феликс во 15 минута не ја искористи грешката Серхио Рамос. На отворањето на вториот меч Лука Јовиќ имаше одлична прилика за „Кралевите“, но шутираше покрај голот. Во 67 минута се закани и Федерико Валверде, на нафрлување со глава од Јовиќ но шутираше крај голот. Во 80 минут мечот можеше да го реши Алваро Мората, но неговиот удар го запре реаловиот голман Тибо Куртоа. До крајот на регуларниот дел немаше шанси, а мрежите мируваа и во дополнителните 30 минути. Во 116 минута Реал остана со играч помалку, откако Валверде доби црвен картон, откако Мората одеше сам кон Куртоа, а Уругваецот го собори.

Ова беше првото издание на шпанскиот Суперкуп во кој настапуваа четири екипи, и второто во низа кое е играно надвор од Шпанија, откако ланското финале се одигра во мароканскиот град Тангер.

Шпанскиот Суперкуп се игра од 1982 година и секогаш во Шпанија меѓу победникот во првенството и осовојувачот на Купот на кралот, а се играа по два натпревара. Во август 2018 година Барселона и Севилја одиграа еден меч во градот Тангер во Мароко. Тогаш и првпат на еден официјален натпревар во Шпанија е користен ВАР.

Ова е втората сезона по ред во која Суперкупот се игра надвор од Шпанија, а бројот на учесници е зголемен на четири екипи. За домаќин на овој мини-турнир конкурираше и Катар, но на крајот Саудиска Арабија ќе биде домаќин на четири последователни изданија на шпанскиот суперкуп, под 2020 до 2023 година.

Барселона има највеќе титули во националниот Суперкуп – 13, Реал Мадрид освои 11, Атлетико има две, а Валенсија една титула.