Реал сигурен, Севилја убедлива а Хуеска дебитираше со победа

Во првото коло од шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид со 2:0 го совлада Хетафе, Севилја на гостувањето го совлада Рајо Ваљекано со 4:1, додека Хуеска кај Еибар беше подобра со 2:1 и ја оствари првата прволигашка победа во историјата на клубот.

По несреќниот пораз од градскиот ривал Атлетико во Талин во финалето на Суперкупот на УЕФА, играчите на Реал Мадрид брзо се соземаа и не дозволија изненадување на својот „Сантијаго Бернабеу“ против клубот од предградието. Стрелци за „Кралскиот клуб“ п оголема грешка на гостинската одбрана во првото полувреме беше Дани Kарвахал во 20 минута, за кого ова е прв гол во Ла Лига по дури четири години. Имено десниот бек последен пат беше стрелец во шпанското првенство во април 2014 година, кога ја погоди мрежата на Осасуна. Надмоќта на Реал ја круниса Герет Бејл во 51 минута, кој запиша и асистенција. И двајцата стрелци така ја оправдаа довербата на новиот стратег Хулиен Лопетеги кој ги врати во стартниот состав, откако беа помалку запоставени кај неговиот претходник Зинедин Зидан.

Хуеска минатата сезона првпат во својата педесетгодишна историја избори пласман во Примера и не можеше да посака подобар почеток на сезоната. Двата гола на гостувањето кај Еибар ги постигна Алекс Галар во 5 и во 40 минута, додека погодокот за домашните во 69 минута го постигна Гонзало Ескаланте.

Клубот Сосиедад Депортиво Хуеска е основан во 1960 година и има стадион на кој има само 5.500 места за седење, а до пред само десет години играше во четвртата лига.

Севилја новата сезона ја отвори со убедлива гостинска победа против Рајо Ваљекано од 4:1. Гостите целата работа ја завршија во првото полувреме кога постигнаа три гола, а во продолжението двете екипи ја погодија противничката мрежа по еднаш. Играч на мечот беше Андре Силва кој постигна хет-трик, гаѓаше прецизно во 31, 45 и 79 минута, а добар впечаток остави и Франко Васкез кој во 15 минута го постигна водечкиот погодок, а впиша и асистенција, додека утешниот гол за домаќините го постигна Андри Ембарба во 85 минута од пенал. Силва инаку оваа лето дојде во редовите на Севилја, како позајмен играч од Милан.

Актуелниот шампион Барселона во саботата ја отвори сезоната со домашна победа од 3:0 над незгодниот Алавес. Барса се мачеше да го скрши отпорот на гостите до речиси средината на второто полувреме.

Во саботата, исто така, Селта и Еспањол ги поделија бодовите (1:1), а Виљареал беше непријатно изненаден пред своите навивачи од Реал Сосиедад и беше совладан со 1:2.

Новиот шампионат во Шпанија во петокот го отворија Жирона и Ваљадолид кои одиграа мирољубиво 0:0, а во вечерниот термин истиот ден Леванте на македонскиот репрезентативец Енис Барди беше убедлив со 3:0 на гостувањето кај Бетис.

Во понеделник првото коло го затвораат Валенсија – Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао – Леганес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.