Реал Сосиедад не го дава врвот во Примера

Во последниот натпревар од шпанското фудбалско првенство, Реал Сосиедад во неделата вечерта како гостин го совлада Реал Бетис со 3:0 и дојде на врвото на табелата.

Екипата од Сан Себастијан поведе во 43 минута со голот на Порту. На 2:0 зголеми Охаразабал од пенал во 74 минута, а конечните 3:0 ги постави Јанузаиј во 89 минута.

Реал Сосиедад во шесте натпревари во Примера собра досега 11 бодови, колку и Вилјареал но баскискиот тим има подобра гол-разлика. За водечкиот тандем се Реал Мадрид, Хетафе, Кадиз и Гранада со по 10 бодови, а Бетисе е седми со девет бодови.

Вилјареал како домаќин претходно во неделата ја победи Валенсија со 2:1. Победата на „Жолтата подморница“ ѝ ја донесоа Пако Алкасер со голот од белата точка во 6 минута и Дани Парехо кој погоди во 69 минута. Валенсија израмни претходно во 37 минута со погодокот на Гиедеш. Валенсија остана на седум бодови со кои е на 13-то место.

Хуеска на свој терен иако губеше со 0:2 дојде до 2:2 против Вајадолид и по петти пат во шесте меча сезонава освои бод, а сѐ уште ја очекува првата победа во новата прволигашка сезона по подолгата пауза. Гостите до предноста дојдоа со головите на Гонзалес во 35 и Рубио во 51 минута од пенал, но експресното враќање на Хуеска во дуелот ѝ го донесоа Мир во 52 минуа и Рамирез во 56 минута.

Хуеска со пет бодови е 16-та, а Вајадолид е претпоследен 19-ти со три бода.

Елче славеше со 2:0 на гостувањето кај Алавес со головите на Мила во 39 и Тете Морене во 86 минута. Елче е 12-ти со седум бодови, а Алавес е 18-ти со четири бодови.

Атлетик дома во Билбао со 2:0 беше подобар од Леванте, а стрелци беа Беренгуер во 69 и Инаки Вилијамс во 79 минута. Атлетик е 14-ти со шест бодови, а Леванте е последен 20-ти со три бода.

Единствениот меч во неделата без голови го одиграа Еибар и Осасуна. Еибар има пет бодови на 15-то место, а Осасуна со седум бодови е 11-та на табелата.