Реал Сосиедад повторнo на врвот во Примера

Фудбалерите на Реал Сосиедад повторно се на врвот на првенствената табела на шпанското првенство откако во последниот неделен натпревар до седмото коло на својот терен во Сан Себастијан ја совлада Уеска со 4:1.

Микел Ојарзабал во 35 минута од пенал го отвори резултатот во полза на домашните, а во првата минута од вториот дел гостите израмнија преку Рафа Мир. Но упорноста на баскискиот тим даде резултат веќе во 54 минута кога Ојарзабал донесе ново водство, а супериорноста ја потврдија Порту во 68 и Алескандер Исак во 75 минута.

Реал Сосиедад со 14 бодови е водечки пред Реал Мадрид и Гранада кои имаат по 13 бодови, додека Уеска е 18-та со пет бодови и сѐ уште нема остварено победа.

Претходно во неделата Вајадолид дома беше поразен со 0:2 од Алавес. Домашните рано, во 21 минута останаа без исклучениот Начо, а бројната предност во поле гостите ја ефектуираа во 55 минута преку Томас Пина и во 85 минута Борха Сајнц.

Вајадолид со трите бода од трите нерешени резултати и без победа е последен 20-ти на табелата, а Алавес сега со седум бодови е на 15-то место.

Гостинска минимална победа оствари и Гранада на гостувањето кај Хетафе, со реализираниот пенал на Анхел Монторо Санчез во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме. Хетафе е деветти на табелата со десет бодови, а Гранада е трета со 23 бодови.

Во израмнет натпревар без погодоци ремизираа Кадиз и Вилјареал. Кадиз е шести на табелата со 11 бодови, а Вилјареал е четврта со 12 бодови.