Реалните плати во Германија паѓаат од крајот на 2021-ва

Инфлацијата сѐ повеќе ги оптоварува платите во Германија, кои реално паѓаат од крајот на 2021 година што се совпаѓа со почетокот на галопот на цените на енергенсите на рекордни нивоа во Европа.

Како што извести во вторникот германското биро за статистика Destatis, во третиот квартал годинава платите во просек биле повисоки за 2,3 отсто отколку во истиот период една година претходно, а потрошувачките цени рипнале дури за 8,4 отсто.

Тоа значи дека платите во реален израз се намалени за 5,7 отсто, најсилно откако Destatis ги објавува извештаите за приходите, вклучително во износ на бруто платите и посебните исплати, како на пример бонусите.

Податоците за третото годинашно тримесечје го следат трендот од претходните квартали, истакнуваат статистичарите, додавајќи дека реалните плати паѓаа од последното тримесечје 2021 година кога се намалени за 1,4 отсто.

Во првиот квартал од годинава реалните плати во Германија паднале за 1,8 отсто, а во вториот за 4,4 отсто, се потсетува во извештајот.

Станува збор за најдолгиот период на пад на реалните плати, откако Destatis ги објавува таквите податоци.