Рецесијата удира врз стандардот на македонските граѓани

Македонија влезе во рецесија за само четири месеци власт на СДСМ. Рецесијата е предизвикана како резултат на политичка одлука на владата да ги преполови капиталните инвестиции, а тоа го успорува градежништвото и со тоа и 25 поврзани гранки.

Во вториот квартал имаме негативен раст на БДП од 1,8 отсто и 0 отсто раст во првиот квартал, што значи дека сме во праг на рецесија. Треба да се направи проценка на целите на БДП бидејѓи зголемувањето од 2,2 од сто е невозможно. Ќе бидеме задоволни ако оваа година достигнеме раст од 0,7 до 1 отсто БДП“, вели Неби Хоџа, претседател на Комората на северозападна Македонија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, преполувањето на капиталните инвестиции е политичка одлука. Главното прашање е која е причината за свесното носење во рецесија?

„Дали е незнаење или создавање на хаос зад кој се кријат лични интереси на бизниси моќници на СДС? Неспособноста на СДС во управувањето со македонската економија, предизвика пад на извозот, намалување на просечната плата и намалување на производството, сето ова сумарно значи стагнација и итање кон економското дно“, изјавија во неделата од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, додава Хоџа, лошата економска политика е проследена и со енормното и неосновано задолжување и тоа во период пред избори.

„Имено за само четири месеци СДС ја задолжи државата за неверојатни 320 милиони евра, а од државните резерви стопи 177 милиони евра, вкупно половина милијарда евра за кои граѓаните не знаат на што се потрошени. Настапувањето на рецесијата ќе значи знак за сите инвеститори за намалена активност и неинвестирање во Република Македонија, тоа ќе предизвика интензивно намалување на обртот на пари во стопанството и зголемување на невработеноста. Рецесијата ќе значи зголемена сиромаштија кај граѓаните, беда и несигурност, и сето ова за само 4 месеци власт на СДС“, истакнаа од опозициската партија.

Рецесија која е придружена со висока стапка на инфлација ќе значи дека месечните трошоци може да пораснат. Ова може да ги „изеде“ заштедите на компаниите и граѓаните и како што ќе одминуваат деновите, да создаде финансиски проблеми.

Одржување големи резерви во нормални услови е тешко, но за време на рецесија може да влијаат како товар кој ќе ги влече надолу компаниите. Стопанствениците се согласни дека рецесијата негативно ќе се одрази врз економската активност во Македонија, а најмногу псоледици ќе трпи стопанството. Со натамошно намалување на индустриското производство се очекува отпуштање од работа на поголем број работници.